Среќен сум и задоволен што повеќето од играчите покажаа зрелост во играта, која би требало да ги однесе во А-селекцијата, вели Брестовац, селекторот на репрезентацијата на Македонија до 20 години, која победи на шампионатот на ЕХФ, дивизија Б, и во 2020 година ќе игра на ЕП

Македонската машка јуниорска репрезентација е победник на Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Со победата над Белорусија, со 29-23, во финалето на турнирот македонските јуниори обезбедија директен пласман на јуниорското Европско првенство во 2020 година, за следната генерација македонски ракометари.

– Немам зборови со кои би искажал колку сум горд на овие момци. Финалето беше нашиот најдобро одигран натпревар на турнирот, сѐ одеше добро, како што треба. Рековме дека ќе одиме чекор по чекор и успеавме, дојдовме до самиот врв на шампионатот. Им благодарам на моите помошници со кои го подготвивме натпреварот, го анализиравме секој детаљ, а момците беа дисциплинирани, послушни и го одиграа договореното – изјави селекторот Данило Брестовац.

Својата амбиција и желба за победа македонските ракометни надежи на терен ги демонстрираа од првата до последната секунда на мечот. Го диктираа темпото на играта и имаа целосна контрола врз резултатот во текот на целиот натпревар. Голманот Матеј Петковски (16 одбрани) го доби признанието за најдобар играч на финалето, не дозволувајќи му на противникот ни за момент да помисли на изненадување. Во реализацијата на нападот, пак, главната улога ја имаа Марио Танкоски (осум гола), Томи Јагуриновски (седум), Филип Арсеновски и Мице Шилегов (постигнаа по шест гола).

– Како рекапитулар на одиграното на овој шампионат би споменал дека одигравме најдобро кога беше најпотребно, против двете најдобри селекции на шампионатот, Швајцарија и Белорусија. Покажавме огромен капацитет во тактичка смисла, во дисциплината во игра, која се граничи со совршенство во оваа возрасна категорија. Среќен сум и задоволен што повеќето од играчите покажаа зрелост во играта, која би требало да ги однесе во А-селекцијата – констатира Брестовац.

Настапот во Скопје ќе биде последниот настап на оваа генерација ракометари како младинска селекција. Со воведените промени во системот на стекнување право за учество на светските првенства (СП) од ИХФ, Македонија ќе го пропушти следниот мундијал без воопшто да игра квалификации, бидејќи тие се укинуваат, а право на настап на СП 2019 ќе имаат 11-те најдобропласирани селекции од ЕП 2018, кое се играше во Словенија. Тоа се репрезентациите на Словенија, Франција, Германија, Португалија, Хрватска, Србија, Исланд, Шведска, Норвешка, Унгарија и домаќинот Шпанија.

На СП во Алжир минатото лето, Европа имаше 12 претставника, но ИХФ воведе промени и, врз база на пласманот на Тунис на претходниот шампионат (7. место), Европа на следниот мундијал ќе има 11 места, вклучувајќи го тука и домаќинот. Македонија на тоа СП во Алжир (со Филип Талески, Филип Кузмановски, Марко Нелоски, Мартин Велковски, Горан Крстевски, Мартин Томовски…) го освои шестото место, што е највисок пласман на една македонска селекција на мундијалите.

– Шокиран бев од информацијата дека оваа генерација ракометари нема да имаат право да играат на следното јуниорско Светско првенство во Шпанија. Тоа е голема загуба во поглед на искуството и зрелоста што се добиваат од едно такво натпреварување. Но правилата се правила и ние тука не можеме да направиме ништо – вели Брестовац.


Танкоски е во најдобриот тим на шампионатот

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Признанието најдобар стрелец на шампионатот на ЕХФ, дивизија Б, во Скопје, отиде во рацете на левиот бек на Литванија, Каролис Антанавичиус, кој во седумте меча на турнирот постигна 53 гола. За најкорисен ракометар (МВП) на турнирот беше избран белорускиот централен бек Артур Рудз, а за најдобар одбранбен играч беше прогласен Швајцарецот Филип Новак. Во тимот на шампионатот место добија и голманот на Фарски Острови, Хордир Тригвасон; левото крило на Литванија, Дејвидас Јоваисас; македонскиот лев бек Марио Танкоски; централниот бек на Белорусија, Јулиан Хирук; десниот бек на Белорусија, Микалаи Алоикхин; десното крило на Италија, Николо Д‘Антино; и украинскиот пикер Иван Бурзак.


Словенија по едно сребро и две бронзи, сега го грабна и младинското злато

Словенија е новиот јуниорски европски првак во ракомет, откако во финалниот меч на првенството за ракометари до 20 години, кое се играше во Словенија, во крајно изедначен и неизвесен натпревар ја надигра Франција со 31-30. Третото место ѝ припадна на Германија, која во малото финале беше подобра од Португалија (29-26), која по Словенија беше најпријатното изненадување на првенството. За Словенија ова е прва титула, а има и едно сребро и две бронзи.

Статусот на член на дивизијата А како последни две репрезентации го загубија јуниорите на Русија и на Полска, а на нивно место на следното ЕП ќе учествуваат најдобрите од ЕХФ-шампионатите од дивизијата Б, Македонија и Чешка, која заврши на првото место на шампионатот во Црна Гора.