Татран е добра екипа, но не е од врвот на европскиот ракомет. Ќе се обидеме да им ја неутрализираме играта и да не дозволиме шутеви од далечина каде што се исклучително силни, изјави Брестовац, тренерот на Металург, пред мечот утре во СЦ „Јане Сандански“, во 3-то коло на ЛШ
Словачкиот првак Татран ќе биде утрешниот противник на македонскиот вицепрвак Металург во 3-то коло од ракометната Лига на шампионите (ЛШ). Младите металурзи во 17 часот (пренос на Арена спорт 3) во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје одново ќе се обидат да одиграат добар меч, во кој главна цел ќе биде да го кренат ниво на играта во втората половина од натпреварот и да искористат и најмала шанса за успех и за позитивен резултат.
– Татран е добра екипа, но не е од врвот на европскиот ракомет. Тие се тим против кој можеме да играме и можеме да им парираме. Против Силкеборг победија на мускули. Ќе се обидеме со одбрана 5-1 да им ја неутрализираме играта и да не дозволиме шутеви од далечина каде што се исклучително силни – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.
Металург сезонава ја нема почувствувано сласта на победата ниту во Регионалната лига ниту во ЛШ, а Брестовац е свесен дека сите порази сезонава им се случуваат поради лошата игра во почетоците на вторите полувремиња.
– Проблемот со падот во играта го гледам во кратката ротација. Позитивен момент е тоа што ние се надигруваме со сите, а никој не нѐ гази со играта. Кога би имале уште двајца квалитетни играчи, кои ќе можат да ги одморат Халил Јагањац и Марио Танкоски тогаш мислам дека ќе немаме вакви проблеми. Ни недостигаат лесни голови. Немаме искусни играчи, кои ќе знаат да застанат во даден момент. Имаме млади ракометари што ги носат емоции и затоа грешат. Проблем ни е кога сме во негатива како да се извадиме. Дури и кога ќе почнеме да излегуваме од лошата серија одново почнуваме да тонеме. И со голманите е исто, Мартин Томовски првото полувреме го брани одлично, а потоа има пад во вториот дел. Во моментов ни треба барем еден поискусен ракометар што ќе игра во два правци, за да успееме да го добиеме она што ни е потребно, и за да успееме да го добиеме тимот што го посакуваме – смета стратегот на Металург.
Ракометарите на Татран одлично ја почнаа сезоната во ЛШ забележувајќи две победи, првата на гостувањето кај Бешикташ со 28-22 и дома над Силкеборг со 26-24. Избраниците на хрватскиот тренер Славко Голужа солидна игра прикажаа и во мечевите од Регионалната лига каде што забележаа две убедливи победи, над Војводина (27-17) и над Мешков (32-28) и два минимални порази од Стеауа (26-25) и од Вардар (27-26).
По двете одиграни кола во ЛШ најефикасни во Татран се ракометари од бековската линија, Јануш Лапајне (10 гола) Оливер Рабек, Лукас Урбан и Бруно Буторац (сите со по осум реализации), а во мечевите од Регионалната лига кон бековската линија Лапајне и Урбан (двајцата по 17 гола) се надоврзуваат и крилата Јакуб Хрстка (17 погодоци) и Томас Чип (16 реализации).