Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се надевам дека ќе успееме во остварувањето на нашите цели, а тоа е освојување место во групата што ќе ни донесе пласман на ЕП, вели македонскиот ракометен селектор Данило Брестовац

Олимпискиот и светски ракометен првак Данска, Швајцарија и Финска ќе ѝ бидат противници на Македонија во групата седум во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2022 година, кое ќе се игра во Унгарија и во Словачка.
Квалификацискиот циклус треба да започне во ноември (4-8) со дуелите против Финска (дома) и Швајцарија (гости), ќе продолжи во март, идната година (11-14) со двомечот против Данска и ќе заврши во мај (29 април – 2 мај), со возвратните дуели против Финска и Швајцарија.

Пласман на ЕП обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја група и четирите најдобри третопласирани репрезентации. Директен пласман на ЕП имаат домаќините Унгарија и Словачка, европскиот првак Шпанија и вицепрвакот Хрватска.
Иако доби силни ривали од првиот и од третиот барабан, селекторот Данило Брестовац е оптимист во поглед на квалитетот на противниците и верува во пласман на Македонија на ЕП.

– Добивме релативно тешка група во која изразит фаворит е селекцијата на Данска. Сепак сметам дека имаме подобра репрезентација од Швајцарија и од Финска и се надевам дека ќе успееме во остварувањето на нашите цели, а тоа е освојување место во групата што ќе ни донесе пласман на Европското првенство, за продолжување на континуитетот на настапи на големите натпреварувања – вели македонскиот селектор Данило Брестовац.

Делумно незадоволни од ждрепката се и селекторите на Данска, Швајцарија и на Финска, имале поинакви желби и очекувања пред добивањето на противниците.
– Добивме силна и неизвесна група во која очекувам мечевите со Данска и со Македонија да бидат ракометен празник и дома и на гости. Секој дуел е многу значаен, но сметам дека нашиот прв натпревар дома со Македонија ќе ни го покаже патот – рече селекторот на Швајцарија Михаел Шутер.

Ривалите во групата седум се предизвик и за финскиот селектор Ола Лингрен.
– Кога во ждрепка влегувате од четвртиот барабан, тогаш мора да очекувате силни противници. Овие натпревари за нас ќе бидат предизвик, оти ќе имаме можност да си ги одмериме силите со најдобрите. Нашите ривали во своите редови имаат светски ѕвезди од типот на Микел Хансен, Кирил Лазаров и Енди Шмид, но против никого нема да излеземе со бело знаме – изјави Линдгрен.

Македонија и Данска досега пет пати си ги имаат одмерено силите на големите натпреварувања и во сите пет дуели победија Данците. На СП во Хрватска 2009 (32-24), на ЕП во Србија 2012 (33-32), на СП во Шпанија 2013 (33-30), на ЕП во Данска 2014 (29-21) и последен пат на ЕП во Хрватска 2018 (31-20).

Македонија и Швајцарија досега шест пати се сретнале во квалификациите за пласман на ЕП и нивниот меѓусебен скор е 4-2 за Македонија. Двете победи Швајцарците ги забележаа во квалификациите за пласман ЕП 2004 во Словенија (31-24 и 34-30), додека, пак, Македонија славеше во квалификациите за ЕП 2014 (30-24 и 27-20) и квалификациите за ЕП 2016 во Полска (27-20 и 26-17). Македонија има позитивен скор и со Финска од двомечот за пласман во квалификациите за СП 2005 во Тунис. Црвено-жолтите славеа дома (36-30), а на гости одиграа нерешено (30-30). 


Јакобсен стравува од Македонија и од Швајцарија

Иако е предводник на олимписки и светски првак, за селекторот на Данска ова е најлошата комбинација што ја добил.
– Нема сомнеж дека во нашата група ќе има многу искушенија. Нема ништо да нѐ обесхрабри или исфрли од колосек, но кога ќе видам какви противници можевме да добиеме, а какви добивме, не ми е драго. Повеќе сакав да ги добиеме Холандија и Полска од вториот и од третиот барабан. Мило ми е што ја добивме Финска, бидејќи никогаш не сум играл против неа и ништо не знам за нивниот ракомет – изјави Јакобсен.