Селекторот на машката сениорска репрезентација Данило Брестовац ги објави промените во списокот на ракометари за квалификацискиот натпревар против репрезентацијата на Грција за обезбедување на пласман на ЕП 2020.
Македонија денес со почеток во 18 часот ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите против репрезентацијата на Грција во Струмица.
На денешниот натпревар селекцијата на Македонија ќе настапи со три промени во однос на претходниот натпревар одигран против Турција во Ескишехир.
На местото на Стојанче Стоилов ќе настапи Горан Крстевски, Дарко Димитриевски ќе биде замена на повредениот Милорад Кукоски, и на местото од Томислав Јагуриновски е Мартин Серафимов.
Пренос од натпреварот ќе се емитува на телевизија „Телма“.