Ракометните кадети на Египет, кои станаа нови светски прваци, на дело го демантираа тренерскиот став дека одбраната е таа што го добива натпреварот, а нападот го губи, совладувајќи ја во големото финале Германија со 32-28
Со победата над Германија со 32-28 во финалето на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години, што се играше во Скопје, селекцијата на Египет е новиот кадетски светски првак и прва неевропска земја, која се искачила на највисокото скалило во оваа старосна категорија.
Ракометарите на Египет на дело го демантираа тренерскиот став дека одбраната е таа што го добива натпреварот, а нападот го губи.
Селекцијата со најдобра одбрана на Мундијалот, Германија (23,1 примени гола по натпревар), не успеа да го запре најдобриот напад на Египет, кој имаше просек од 34,2 постигнати гола по меч. На техничко-тактички план „фараоните“ беа далеку послаби од европските селекции, меѓутоа нивни главни движечки сили во сите дуели беа борбеноста, несебичноста, издржливоста и желбата за победа. За тоа говори и статистиката на првенството, во која јасно се гледа дека речиси една третина од головите (вкупно 84) ги постигнале од транзициски пробив и контранапади во кои имале 111 меѓусебни асистенции, но поради технички грешки загубиле 120 напади.
Но затоа техничко-тактичката подготвеност, дисциплината во игра, цврстата и подвижна одбрана, беа карактеристика на селекцијата на Германија, која од натпревар на натпревар ја засилуваше и ја подобруваше својата игра. Слабата реализација или расположениот египетски голман Абделхман Мохамед Хомејд, беа нивниот најголем проблем во финалниот меч за златниот медал. Патем, пласманот во финалето и освојувањето на сребрениот медал се всушност најдобро досегашно остварување на Германија во оваа старосна категорија.
Триумфот на кадетската селекцијата на Египет на СП во Скопје е, и не е изненадување. Изненадување е тоа што со оваа старосна категорија првпат стигна и играше во завршницата и освои трофеј. Но ако се погледне наназад, фактот што на последните шест првенства, јуниорската селекција на Египет била дел од четири завршници за медал, од кои на последното пред три седмици го освои бронзениот медал јасно зборува дека нивниот напредок е евидентен од година на година.
Серафимов втор стрелец на Мундијалот
Капитенот на македонската кадетска репрезентација, Мартин Серафимов, СП во Скопје го заврши на втората позиција на листата на стрелците со 49 гола во седум меча. Два гола повеќе од него постигна египетскиот лев бек Хасан Валид Ахмед, кој одигра и два натпревара повеќе. На топ пет листата на стрелците е и македонското десно крило Ненад Костески со 46 реализации.
Место меѓу најдобрите пет голмани на кадетското СП има и Македонецот Марко Кизиќ, кој впиша 63 интервенции (во просек по девет одбрани на секој меч) на седумте одиграни натпревари. Првата позиција со 87 одбрани (9,67 одбрани по меч) на девет натпревари ја има египетскиот голман Абделхман Мохамед Хомејд.
Данска им ја спаси честа на Скандинавците
Селекцијата на Данска победи во малото финале, односно за бронзениот медал, спасувајќи ѝ ја честа на ракометна Скандинавија, по елиминацијата на Норвешка и Шведска во осминафиналните дуели. Во мечот за трето место, Данците убедливо ја совладаа Португалија со 35-27, која беше изненадувањето на шампионатот. Петтото место го освои Унгарија победувајќи ја Франција со 31-20, додека, пак, седмопласирана заврши Шпанија, која беше подобра од Исланд со 30-26.
Македонската кадетска репрезентација првенството го заврши на 13-то место, откако избраниците на Данило Брестовац групната фаза ја завршија на четвртата позиција, а во осминафиналето беа елиминирани од Португалија.
Олстар-тим на СП
Голман: Абделхман Мохамед Хомејд (Египет)
Лево крило: Александар Рајман (Германија)
Лев бек: Хасан Валид Ахмед (Египет)
Центар: Лауриц Рајнхолд Легер (Данска)
Десен бек: Мартим Коста (Португалија)
Десно крило: Даниел Кецкес (Унгарија)
Пикер: Том Бергнер (Германија)
Дефанзивец: Јулијан Костер (Германија)
Стрелец: Хасан Валид Ахмед (Египет) со 51 гол
Најкорисен играч (МВП) Ахмед Хешам Елсајед (Египет)