Репрезентацијата на Македонија го доживеа првиот пораз на Светското првенство во ракомет, кое се игра во Германија и Данска.
Нашиот тим беше убедливо поразен од Хрватска со 31:22 (11:16) во меч од третото коло од групата „Б“, кој се одигра во Минхен.
Хрватите беа фаворити пред почетокот на дуелот и тоа го покажаа на теренот, а голманот на „коцкастите“, Марин Шего имаше свој ден и одбрани 12 удари на нашите репрезентативци, кои немаа свој ден во нападот.
Најпрецизен кај „жолто-црвените“ беше Дејан Манасков со 6 гола, капитенот Кире Лазаров постигна 5, а кај победничкиот тим Домагој Дувњак реализира 6 погодоци.
Утре е слободен ден за македонските репрезентативци, а веќе во среда играме со фаворизираната Шпанија. Клучниот натпревар за избраниците на Раул Гонзалез ќе биде во четврток против Исланд, кога ќе бркаме пласман во главната фаза на СП.