Се надевам дека претстојното СП во ракомет е светло на крајот од тунелот и покрај пандемијата на коронавирусот, оптимист е претседателот на ИХФ, Мустафа

Претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Египќанецот Хасан Мустафа, очекува Светското првенство (СП) во Египет следната година (14-31 јануари) да се игра пред публика.
– Се надевам дека претстојното СП е светло на крајот од тунелот и покрај пандемијата на коронавирусот. Сѐ уште сум оптимист и верувам дека натпреварите на СП ќе се играат пред навивачите. Подготвивме соодветни заштитни мерки, како за националните тимови така и за публиката и затоа верувам дека сите учесници ќе се вратат дома како амбасадори на Египет – изјави претседателот на ИХФ, Мустафа, во интервју за официјалната веб-страница на СП 2021.

СП во Египет ќе биде прво на кое ќе играат 32 селекции. Досега се познати 30, а се чекаат уште последните две. Поради ковид-19, годинава не се играа квалификации за пласман на СП, па ИХФ реши местата да ги распредели според пласманот по континенталните натпреварувања. Така, на СП во Египет ќе играат Египет, актуелниот светски првак Данска, 13-те најдобропласирани од ЕП 2020 (Норвешка, Хрватска, Шпанија, Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Исланд, Белорусија, Чешка и Франција), шесте најдобри од африканскиот шампионат (Алжир, Ангола, Кејп Верде, Тунис, Мароко, Конго), четирите од азиското првенство (Катар, Кореја, Јапонија, Бахреин), три од Јужна и од Централна Америка (Аргентина, Бразил, Уругвај) и две вајлд-карти за Полска и Русија.

Последните две селекции, според распоредот, би требало да бидат од Јужна и од Северна Америка. Со оглед на фактот што пред десетина дена Мексико ги откажа квалификациите поради ковид-19, се чека евентуалното одржување на квалификациски турнир во Јужна и во Централна Америка или, пак, ИХФ по сопствено убедување да ги додели тие две места за СП во Египет.
Македонија по четири континуирани настапи на СП не успеа да обезбеди пласман во Египет, а последна надеж е едно од двете преостанати места. Ждрепката за групите на СП во Египет е закажана на 5 септември во Каиро.