РАКОМЕТ
На повеќе од 30 дена до почетокот на новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Европската ракометна федерација (ЕХФ) во фокус ги страви тренерите, за кои претстојната сезона ќе биде голем предизвик во остварувањето на клупските амбиции. На листата ЕХФ издвои пет тренери во машка и пет во женска конкуренција. Машката ја сочинуваат Шпанците Раул Гонзалес (ПСЖ), Давид Давис (Веспрем) и Чави Пасквал (Барселона), Чехот Филип Јиха (Кил) и Македонецот Стевче Алушовски (Вардар). На листата, пак, на тренери во женска конкуренција се Романецот Адриан Василе (Букурешт), Норвежанецот Оле Густав Гјекстад (Кристијансанд), Французинот Лаурент Безеау (Брест Бретања), Унгарецот Габор Елек (Риал Карго) и тренерот што во меѓувреме ќе седне на клупата на рускиот првак Ростов Дон.
Во формирањето на овие листи ЕХФ ги зеде предвид резултатите од минатите сезони, променетите состави, должината на нивниот ангажман на чело на тимовите, моменталните квалитети на екипите и сл.
Според ЕХФ, Гонзалес е тренерот од кој најмногу се очекува сезонава, оти иако во својот тим има повеќе од десетина врвни светски ракометари и најголем буџет меѓу тимовите во ЛШ, сепак, во изминатите две сезони тој не успеа да стигне до целта за која беше ангажиран.
На втората позиција е Давис, кој на победничкиот подиум застанал како играч на Суидад Реал и негова цел е да влезе во друштво на Талат Душебаев и Роберто Гарсија Парондо, кои до шампионскиот трофеј стигнаа и како тренери.
Амбициозниот почеток на тренерската кариера со титула во Бундес-лигата го смести тренерот на Кил, Јиха, на третото место. Нова европска титула по петгодишна пауза се цел и желба на тренерот на Барселона, Пасквал, кој со задржувањето на искусните Раул Ентрериос и Седрик Сорендо навестува дека неговите и клубските амбиции се високи.
Петтата позиција ја има македонскиот стратег Стевче Алушовски, кој во февруари годинава седна на клупата на актуелниот европски првак Вардар и кој ќе се обиде да го врати Вардар на победничките патеки.