Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, со долгорочни цели и стратегија. Во ракометот во Македонија одамна младите се на првото место, се постави цврста, широка основа за македонската спортска перјаница. По тој пат треба да се продолжи
„Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален. Од сѐ, се брои само храброста да се продолжи понатаму“, е изреката што можеби најдобро го отсликува настапот и што треба да се прави по тој настап на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство. Секако, може да послужи и изјавата на славниот кошаркар, еден од најдобрите на светот, Американецот Мајкл Џордан: „Промашив повеќе од 9.000 шута во мојата кариера. Изгубив речиси 300 натпревари. Вкупно 26 пати ми беше дадена доверба да го упатам шутот за победа и промашив. Не успевав одново и одново во мојот живот. Токму затоа успеав“.
Македонија на Европското првенство оствари една победа и два пораза, ќе биде меѓу 12-то и 15-то место, но во сево ова има нешто многу повеќе од само бројки. Почнатиот процес на подмладување треба да продолжи, а сите сили во и околу ракометот треба да се обединат. Ракометот со години го потврдува своето реноме во Македонија, а секогаш може да се постави и прашањето во кој друг спорт Македонија е толку конкурентна, постојанa во настапите на големите натпреварувања и секогаш има тим, а и поединци против кои се крои посебна тактика.
Сега, прво, важно ќе биде сево ова што се случуваше на Европското првенство и пред него да го анализираат сите задолжени. Но набргу ќе помине и сето тоа (анализи, критики…), оти ова е само еден момент од циклусите во спортот. Победи и порази. Многу поважно ќе биде како ќе се стане и ќе се истресе прашината и како ќе се продолжи понатаму. Ракометот со уште еден настап во низа потврдува дека поддршка не му треба само од обединетите на трибините, како што има секаде, а имаше и „на домашниот терен“ во Виена, туку уште поголема за базата, за таа, прво како досега, да продолжи да создава ракометари за продолжување на успешната серија и надминување на сите досега постигнати репрезентативни резултати и, потоа, да почне да продуцира уште повеќе квалитетни играчи за секоја позиција.
Сега се одеше кон Токио, но од следната година треба да се цели кон Париз, потоа и кон Лос Анџелес. Секогаш се оди чекор по чекор, но целите секогаш треба да се високи. Ракометот е единствениот спорт во Македонија што има континуитет, прво во работата, а потоа во резултатите од таа работа. Уживаме секој јануари во натпреварите на Македонија, но до вака високо ниво се стигнува многу тешко и треба многу време, а пред сето тоа и идеја, визија, стручност, стрпливост…
За одржување на тој континуитет заслугата е кај клубовите, кај нивните школи и академии, но кај нив е и клучот за останување на патот на успехот. Така, заклучокот е јасен за тоа каде треба да биде фокусот, каде да се инвестира, помогне, уште посилно, за пласманите на големите натпреварувања да изгледаат вака (но само навидум) лесно. Таа голема борба, работа, во базата никако не смее да се намали, уште помалку да запре. Напротив.
Продукцијата на ракометари мора да продолжи со несмалено темпо, особено што овој спорт е спорт број еден во Македонија, како кај ретко која земја-учесник на Европското првенство, а Македонија има и респектирани поединци, светски ѕвезди. Сево ова треба да се чува како капка вода, оти со спортскиот момент одат и кохезијата и синергијата, кои создаваат една победничка симбиоза.
Овој континентален собир помина, наскоро и квалификациите за СП 2021, па затоа треба да се мисли на тоа што доаѓа потоа. Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, со долгорочни цели и стратегија. Во ракометот во Македонија одамна младите се на првото место, се постави цврста, широка основа за македонската спортска перјаница. По тој пат треба да се продолжи, за нови успеси, за како во овој период смените на генерациите да не се чувствуваат на резултатот (прво во пласманите на ЕП и н СП), а секоја следна генерација да има високо поставена летвичка, која ќе треба да се стигне или надмине. Тој спорт, како ретко кој, покажува дека дури и високи цели се поставуваат, а и се остваруваат, и со млади во составот.
Клучот на успехот на сениорските репрезентации во кој било спорт лежи во тоа што се случувало претходно во младите категории, а ракометот има генерација што беше шеста на светот. Сите спортски успеси се должат на многу работа, а, како и во сѐ, потребни се трпеливост и постојано докажување. Суштината на успешна спортска приказна е и во заднината – во идејата, стратегијата, иновативноста, упорноста, стручноста, компетенцијата, тимската работа, долгорочните цели, личната иницијатива и пример, менаџирањето… и ништо потоа не е случајно.