„Во која насока сакаме понатаму да ја развиваме нашата игра“ беше почетната тема за дискусија, во која спаѓаат брзината на играта и техничкиот и тактичкиот развој, се разговараше за целите и за правилата на играта, трите предлог-правила што ќе бидат тестирани, за поедноставување на правилата…, пишува на интернет-страницата на ИХФ
За да се продолжи растот на ракометот, Светската ракометна федерација (ИХФ) одржа виртуелна конференција со повеќе од 15 врвни европски тренери и судии, на која се разговараше за развојот на овој спорт, претстојните тестови на нови правила, како и предлози за модификации и подобро толкување на правилата. Конференцијата била иницирана по анализата на шампионатите и турнирите низ светот од Комисијата за правила и судии на ИХФ и Комисијата за тренирање и методи на ИХФ.
„Во која насока сакаме понатаму да ја развиваме нашата игра“ беше почетната тема за дискусија, во која спаѓаат брзината на играта и техничкиот и тактичкиот развој, а потоа се разговараше за целите и за правилата на играта. Меѓу другото, на конференцијата уште еднаш беа разгледани трите предлог-правила што ќе бидат тестирани, како и новиот концепт наречен „ИХФ-толкувач на правила“, кој вклучува тактички грешки, дуели во голманскиот простор и грешки во нападот. Трите предлог-правила се однесуваат на бројот на додавања при пасивна игра (намалување од шест на четири), ситуацијата во која голман ќе биде погоден во глава со топка, како и укинување на изведувањето од центар по примен гол.
На состанокот се разговараше и за целите на развојот на играта и правилата. Целите вклучуваат поедноставување на правилата за да се обезбеди подобро разбирање за сите вклучени во натпреварите, вклучувајќи ги и медиумите и гледачите, запирање на негативните трендови, гарантирање дека е заштитено здравјето на играчите и помалку прекини за време на натпреварите, пишува на интернет-страницата на ИХФ. Учесниците дискутираа и за начинот на санкција на прекршоците, пасивната игра пред и по сигналот за предупредување, прогресивното казнување во зоната од шест метри, претераните реакции, играта седум на шест…
– Ова беше многу продуктивна средба на тренерите и судиите. Со нетрпение го очекувам ефектот од овие дискусии во текот на следните неколку месеци, гледајќи како нашиот спорт продолжува да расте и да се развива низ целиот свет – рече претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, по завршувањето на конференцијата.
Учесници на виртуелната конференција на ИХФ беа тренерите Алфред Гисласон, Валеро Ривера, Кристијан Берге, Торир Хергеирсон, Роберто Гарсија Парондо, Гијом Жил, Жорди Рибера, Лино Червар, Николај Јакобсен, Тиери Анти (претседател на Европската асоцијација на тренери), Хорхе Дуењас и Матс Олсон, а претставници на судиите беа Жули Бобавентура (Франција), Анхел Сабросо (Шпанија), Борис Милошевиќ (Хрватска), Мирза Куртагиќ (Шведска) и Роберт Шулце (Германија).