Фото: Маја Јаневска-Илиева

Верувам дека со концентрирана, борбена и со ефикасна игра можеме да стигнеме до посакуваната цел, изјави Симовски пред дуелите со Исланд, Грција и со Литванија, во Скопје, за пласман во баражот за учество на Мундијалот во Шпанија

РАКОМЕТ – СЕЛЕКТОРОТ СИМЕ СИМОВСКИ ПРЕД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2021

Со утрешниот дуел со селекцијата на Исланд, македонската женска ракометна репрезентација ќе ги почне квалификациите за пласман во баражот, за учество на Светското првенство (СП) годинава во Шпанија. Македонските репрезентативки се дел од групата 2 во Скопје, заедно со селекциите на Грција и на Литванија. Пласман во баражот за СП ќе обезбедат двете првопласирани селекции од секоја од петте квалификациски групи.
Селекторот Симе Симовски на располагање има 20 ракометарки, од кои 12 искусни интернационалки што играат низ силните европски лиги.

– Селекцијата на Исланд ни е позната, бидејќи откако сум јас селектор одигравме 2-3 натпревари. Меѓутоа за овој турнир, Исланд дојде со малку изменет состав, им недостигаат неколку ракометарки, па оттука очекувам и поразлична игра од претходно. По неколкуте одработени тренинзи можам да кажам дека ракометарките се одлични, работат максимално ангажирано и посветено, така што, според нашите анализи, веруваме дека можеме да се носиме со секого и да оствариме добар резултат. Но не треба да летаме премногу високо, бидејќи и тие се дојдени да прикажат добра игра и да играат за поволен резултат. Едноставно, треба да го цениме секој противник и максимално да влегуваме во секој меч.

Со репрезентациите на Литванија и на Грција не сме играле досега, но имаме доволно видеоматеријали од кои ја анализираме нивната игра и соодветно се подготвувавме. Верувам дека со концентрирана, борбена и со ефикасна игра можеме да стигнеме до посакуваната цел – изјави Симовски.
Македонија и Исланд ќе играат утре од 17 часот во спортскиот центар „Јане Сандански“, а дуелот Грција – Литванија е од 19 часот. Во истите термини Македонија ќе ги игра и саботниот меч со Литванија и неделниот дуел со Грција.
Десетте селекции што ќе се пласираат во баражот како можни противници ги имаат репрезентациите на Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија и на Шведска. Ждрепката на двојките е закажана за в понеделник.