РАКОМЕТ
На два дена до почетокот на 27-то ракометно Светско првенство (СП) во Египет, Организацискиот комитет одлучи Мундијалот за мажи, прв на кој ќе играат 32 ракометни селекции, да се игра без присуство на публика. Претходната одлука на ИХФ беше на трибините да има публика 20 отсто од капацитетот на арените.
Светското првенство треба да почне утре, со дуелот Египет – Чиле. Селекциите се поделени во осум групи, а по три најдобри репрезентации од секоја група ќе се пласираат во втората групна фаза, со четири групи со по шест селекции, од каде што првопласираните две од секоја група ќе играат во четврт-финалето. Актуелен светски првак е Данска.
Мундијалските вести, пак, во и надвор од ракометните терени ќе ги сервисира медиумскиот тим на Организацискиот комитет на официјалната интернет-страница на првенството и трите најпопуларни социјални мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Прес-конференциите ќе се реализираат онлајн, а забрането е физичкото присуство на новинари што се надвор од натпреварувачкиот „балон“.