РАКОМЕТ
Извлечени се двојките за фајналфор-турнирот во Купот на Македонија

Вардар – Металург и Еурофарм Пелистер – Бутел се полуфиналните двојки за фајналфор-турнирот во Купот на Македонија во ракомет, од 14 до 16 мај во салата „Автокоманда“ во Скопје, каде што истовремено ќе се игра и женскиот фајналфор-турнир во Купот на Македонија, во кој полуфинални двојки се Металург – Куманово и Чаир – Вардар. Минатата година поради пандемијата на коронавирусот не се одигра завршницата во Купот на Македонија, па улогата на бранител на трофеите кај мажите ќе ја има Металург, а кај жените Куманово, како победници во 2019 година.


На патот кон финалето
во ЛЕ Левен ќе игра со Фуксе Берлин, а Магдебург со Висла

Домаќинот на фајналфор-турнирот (22 и на 23 мај во Манхајм) во ракометната Лига на Европа, Левен, за противник во полуфиналето го доби ривалот од германската Бундес-лига, Фуксе Берлин, а Магдебург ќе се соочи со полската Висла. Левен по осумгодишна пауза ќе се обиде да стигне до својот втор европски трофеј, откако во 2013 година го освои Купот на ЕХФ. Фуксе Берлин во претходните шест сезони пет пати играше на фајналфорот и има две титули во 2015 и во 2018 година, уште две финалиња во 2017 и во 2019 и трето место во 2014 година. Магдебург е најтрофеен меѓу полуфиналистите во ЛЕ, бидејќи има по три трофеи од ЛШ (1978, 1981 и 2002) и во Купот на ЕХФ (1999, 2001, 2007). За Висла овој турнир ќе биде шанса за освојување на првиот трофеј во европските клупски натпреварувања.