Ако сите поставени задачи ги спроведеме на терен, верувам дека ќе можеме да ѝ парираме на Романија и да се надеваме на чекор напред, изјави селекторот Симевски
РАКОМЕТ
Македонската женска ракометна репрезентација ги почна подготовките за бараж-двомечот со селекцијата на Романија за пласман на Светското првенство годинава во Шпанија.
– Пласман на Светското првенство е нашата единствена цел и амбиција и сета наша енергија ќе ја насочиме кон остварување на таа цел. Свесни сме дека Романија е селекција од европскиот и од светскиот ракометен врв и дека е голем фаворит во дуелот со нас, но тоа само ги продлабочува нашата желба и амбиција за добра и борбена игра на уште повисоко ниво – вели селекторот Симе Симовски.
Првиот дуел треба да се игра в сабота во Букурешт, а реваншот е предвиден за 21 април во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
– Свесни сме за нивните индивидуални квалитети, стекнати од настапите во силните европски купови, па затоа во овие неколку дена ќе работиме на создавање добра хемија во тимот, со која за две-три скалила ќе ги кренеме борбеноста и цврстината во нашата игра. Главните акценти во нашата игра ќе бидат ставени на цврстината и на подвижноста на одбраната и на дисциплината, истрајноста и ефикасноста на нападот. Ако сите поставени задачи ги спроведеме на терен, верувам дека ќе можеме да ѝ парираме на Романија и да се надеваме на чекор напред – вели Симевски.