За Македонија и за Романија денешниот дуел во Букурешт е прв меѓусебен во квалификациите за пласман на големите натпреварувања. Претходно трипати играле едни против други на СП и еднаш на ЕП
РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ГОСТУВА КАЈ РОМАНИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2021
Задоволен сум од сработеното и од ангажманот на ракометарките во овие неколку дена. Иако времето за подготовка беше кратко, верувам дека добро го анализиравме противникот и можеме да парираме со добра игра, вели македонскиот селектор Симе Симовски, во пресрет на денешниот прв бараж-дуел (17 ч.) со селекцијата на Романија, во Букурешт, за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Шпанија.
За Македонија и за Романија ова е прв меѓусебен дуел во квалификациите за пласман на големите натпреварувања, каде што досега се имаат сретнато четири пати. Трипати играле едни против други на СП и еднаш на ЕП. Романија славела двапати, и тоа во четврт-финалето на СП 1999 во Норвешка и Данска (33-21) и во групната фаза на СП 2005 во Русија (29-22), а Македонија има една победа, во осминафиналето на СП 1997 во Германија (37-33). Дуелот од групната фаза на ЕП 2000 во Романија завршил нерешено 19-19.
– Двомечот со Романија нема да биде воопшто лесен, но сметам дека овој пат можеме добро да ги искористиме нивните слабости, бидејќи имаа доста промени во последниот период. Ако нашата одбрана најде решение за двојката Неагу – Пинтеа, а нападот одигра дисциплинирано и ефикасно, верувам дека можеме да дојдеме до позитивен резултат. Ракометарите и фудбалерите ни покажаа дека во спортот не секогаш победуваат фаворитите, па редно е и ние да го надминеме овој притисок и конечно да затропаме на голема врата – изјави левиот бек Елена Ливриниќ во пресрет на мечот.
Реванш-дуелот за пласман на СП во Шпанија се игра в среда (17 ч. ), во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.