Недовршената сезона, која е прекината поради пандемијата на коронавирусот, не им дозволи збогување со терените и со навивачите на голем број ракометни легенди за кои тековната сезона беше последна во нивните професионални кариери. Овој необичен тим има 21 играч и во своите редови има квалитет и искуство со кои би можел да конкурира за високи дострели.
Така, голманската двојка би ја сочинувале чуварите на мрежите на Веспрем и на Балатонфуери, Арпад Штербик и Нандор Фазекаш, а на крилните позиции одлично би се дополнувале Гудјон Валур Сигурдсон (ПСЖ) и Иван Бровко (ЦСК Минск) на левата, односно Виктор Томас (Барселона), Лук Абало (ПСЖ) и Денис Рутенка (Мешков Брест) на десната крилна позиција.
Бековската линија располага со бекови од сите калибри, и тоа шутери, продорни и дефанзивци. На левата бековска позиција тимот ги има Ким Егдал ду Риц (ПСЖ), Ваел Жалуз (Шартр), Дамир Бичаниќ (Загреб), за организација на играта тука се Мариуш Јуркиевич (Киелце), Мартин Штробел (Балинген), Раул Ентрериос (Барселона) и Димитри Николенкау (ЦСК Минск), а десната бековска позиција ја покриваат Холгер Гландорф (Фленсбург), Каспер Сондергард (Скјерн), Криштоф Лијевски (Киелце) и Асгеир Халгримсон (Хаукар). На линијата од шест метри овој тим ги има Ренато Сулиќ (Веспрем), Михаел Кнудсен (Силкеборг) и Вигнир Сваварсон (Хаукар).