Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја поништи прекинатата сезона, која, како и во сите други спортови, беше стопирана поради пандемијата на коронавирусот. Оваа сезона нема да се прогласуваат шампиони во ниту една категорија, без разлика на бројот на одиграни мечеви.
На онлајн состанокот беше донесена одлука да бидат поништени резултатите во сите старосни категории мажи и жени, а за пласман во европските купови да важат ланските резултати. Според тоа, Вардар ќе игра во Лигата на шампионите (ЛШ), Еурофарм Пелистер ќе аплицира за т.н. вајлд-карта за настап во ЛШ, а ако не добие, ќе игра во новоформираната Лига на Европа (ЛЕ).
Во Лига на Европа ќе игра и Металург, кој прво ќе аплицира за директно место во групната фаза. Квалификации за ЛЕ ќе игра четвртопласираната екипа од ланската сезона Бутел, а вајлд-карти за место во квалификациите ќе бидат побарани и за Охрид и за Пролет.
На состанокот беше одреден 30 јуни како краен датум за пријавување на екипите што следната сезона ќе се натпреваруваат во домашното првенство во сите категории. Управниот одбор на РФМ ја потврди и претходно прифатената одлука од клубовите за промена на системот, односно на бројот на екипи во Суперлигата, која следната сезона во првата фаза ќе има 14 тима, поделени во две групи. Ова ќе биде последна сезона во која нема да играат екипите што ќе настапуваат во Регионалната лига. Во втората фаза ќе играат по три најдобропласирани екипи од двете групи, а ќе се приклучат и Вардар и Еурофарм Пелистер. Другите осум тима ќе играат во плејаутот.