Македонија попладнево гостува кај Турција и со победа ќе го обезбеди пласманот на континенталното првенство во 2020 година
Македонската машка ракометна репрезентација, денеска, од 18 часот (пренос на ТВ Телма), во турскиот град Ескишехир, ќе ѝ гостува на селекцијата на Турција во квалификацискиот дуел за заверка на пласманот на Европското првенство во 2020 година што треба да се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.
Победа во денешниот меч ќе биде императив и за двете селекции, па затоа уште од самиот почеток на мечот ќе биде потребен максимално мотивиран пристап за да се остварат поставените цели. Во отсуство на првиот избор на левата крилна позиција Дејан Манасков, кој се повреди на фајналфорот од Лигата на шампионите, одговорноста за таа позиција ќе ја преземат двете крила на Металург, Бојан Маџовски и Димитар Димитриоски.
Со победа во денешниот меч, македонската селекција ќе биде на чекор до освојување на првата позиција во групата што би донело место во вториот барабан за ждрепката за ЕП, а тоа би значело веројатно полесен пат кон втората фаза од првенството, односно можност за повисок пласман. Висок пласман на ЕП 2020, пак, би можел на македонската репрезентација третпат да ѝ донесе место во квалификациите за пласман на едни летни олимписки игри, овој пат за тие во Токио в година.
Македонија досега играше на пет европски првенства, а најголем успех е петтото место во 2012 година.