Десетдневните подготовки до комплетирањето на тимот ќе ги искористиме како нов тест-период за дел од помладите и тие што имаат помала минутажа на интернационалната сцена. Со секоја минута помината на терен, ќе мора да докажат и покажат дека тие се вистинскиот избор за ЕП, вели селекторот Брестовац
Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го има првиот собир, а попладне и тренинг во спортскиот центар „Борис Трајковски“, во рамките на подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во јануари во Австрија, Норвешка и во Шведска. Македонија ќе игра во групата Б, во Виена, а противници ќе ѝ бидат селекциите на Австрија, Чешка и на Украина.
– Десетдневните подготовки до комплетирањето на тимот ќе ги искористиме како нов тест-период за дел од помладите репрезентативци и тие што имаат помала минутажа на интернационалната сцена. Противниците со кои ќе тестираме во оваа фаза се наместени како скалила и од нив самите и нивното залагање ќе зависи кој ќе се искачи, а кој ќе се сопне. Со секоја минута помината на терен, ќе мора да докажат и покажат дека тие се вистинскиот избор за ЕП – ни изјави селекторот Данило Брестовац.
Брестовац подготовките во Скопје ќе ги одработи со 18 ракометари, откако поради клупски обврски репрезентативците што настапуваат во шпанското првенство, пикерот Костадин Петров (Гвадалахара) и бекот Дарко Димитриевски (Синфин) на тимот ќе му се приклучат в понеделник, непосредно пред патувањето за Белград, за двата тест-дуела со репрезентацијата на Кувајт.
Во следните десетина дена, до комплетирањето на селекцијата, кога треба да се приклучат Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Жарко Пешевски, Филип Талески, Филип Кузмановски, Гоце Георгиевски и Мартин Томовски, подмладениот македонски состав ќе одигра четири контролни меча. Прво се двата дуела со селекцијата на Кувајт, во Белград (вторник и среда), а потоа се двата на турнирот „Трофеј Карпати“, прво против Алжир (28 декември), а вториот со една од селекциите на Романија или на Холандија (29 декември).
Брестовац за овие мечеви ги повика Никола Митревски, Марко Кизиќ (голмани), Димитар Димитриоски, Бојан Маџовски, Мартин Поповски, Ненад Костески (крила), Горан Крстевски, Дарко Димитриевски, Дејан Кукуловски, Велко Марковски, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Томислав Јагуриновски, Марио Танкоски, Марко Мишевски, Мартин Манасков, Дарко Георгиевски (бекови), Никола Марковски, Костадин Петров и Михаил Аларов (пикери). Откако ќе се вратат од Романија, селекторот ќе го објави конечниот список за ЕП 2020. Репрезентацијата потоа на 2 јануари треба да замине за Словенија, за реализација на завршната фаза од подготовките. На 3 јануари Македонија треба да одигра контролен меч со Словенија, а два дена подоцна е тест-мечот со Црна Гора.
– Завршната фаза од подготовките во Словенија ќе ја искористиме за анализа на противниците и на нивната игра, како и за финализирање на формата и завршните корекции во нашата игра – рече Брестовац.
Репрезентацијата од Словенија треба да патува за Виена на 8 јануари. Во првото коло на ЕП (10 јануари) Македонија треба да игра со Украина, два дена подоцна против Чешка, а на 14 јануари е мечот со домаќинот Австрија. Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во следната групна фаза.
Македонија шести пат ќе настапи на ЕП, а вкупно 12-ти на големо натпреварување (заедно со светските првенства). Висок пласман на ЕП 2020 на Македонија може да ѝ ја отвори олимписката врата за учество во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, а пласманот во втората фаза би значел и полесен противник во баражот за следното Светско првенство, во Египет во 2021 година.