Зимската пауза во машката и во женската македонска ракометна Суперлига ќе заврши на 29 февруари за кога е предвиден почетокот на пролетниот дел од сезоната во двете категории, беше решено на Конференцијата на клубовите.
Кај мажите треба да се одиграат преостанатите четири кола од групната фаза, а потоа на 21 и на 22 март треба да почнат плејофот и плејаутот, односно трките за титулата и за опстанок во лигата. Кај девојките првенството треба да продолжи со дуелите од 14-то коло, а сезоната треба да трае до 24 мај за кога се предвидени мечевите од последното 26-то коло во сезоната.
Последниот викенд од февруари со одигрувањето на осминафиналните дуели во кое треба да настапат тимовите од Првата лига, ќе почне и новото издание на Купот на Македонија. На вчерашната ждрепка во Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беа одредени четирите осминафинални групи, а беше воведен и дополнителен бараж-натпревар за влез во осминафиналето, со оглед на тоа што сезонава во Првата лига има 17 екипи.
На тој дуел ќе се соочат двете последнопласирани екипи од двете групи во Првата лига. Победникот ќе игра во осминафиналната група 3, а победниците од сите осминафинални групи ќе играат во четвртфиналните групи, заедно со 12-те екипи од Суперлигата, кои е предвидено да се играат на 11 и на 12 април. Најдобрите од четвртфиналните групи ќе обезбедат место на завршниот турнир, кој би требало да се игра на 16 и на 17 мај.
КУП НА МАКЕДОНИЈА
Бараж: Борец – Текстилец
ОСМИНАФИНАЛНИ ГРУПИ
Група 1: Македонија ЃП – КЛ7, Ринија – Јуниор К. Вода
Група 2: Алушовски – Преспа, Младост Богданци – Тиквеш
Група 3: Вардар Неготино – Куманово, победник на баражот – Астраион
Група 4: Партизан Гевгелија – Прилеп, Аеродром – Јехона