Ракометарите на Металург го освоија првиот бод во групната фаза од Лигата на Европа, ремизирајќи против австриски Фиверс 33-33 во неизвесниот меч одигран вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
По двонеделната пауза без тренинзи и континуитет во работата поради случаи на коронавирус, металурзите во првото полувреме тешко се справуваа со брзите напади на Австријците. Фиверс стекна предност од пет гола во 22-та минута, а на полувреме имаше водство од 19-16. Но македонскиот претставник ја зацврсти играта во дефанзива и го почна вториот дел со серија од седум погодоци наспрема еден на противникот, за да стекне предност од 23-20. Двете екипи имаа можност да дојдат до триумф во неизвесната завршница од мечот кој сепак заврши без победник.
Најефикасни кај Металург беа Мартин Серафимов и Златко Хорват со по седум гола, додека Бранко Канкараш забележа шест, а кај гостите Ерик Дамбок имаше 11 гола од 12 обиди. На голот на Металург се истакна и Даниел Ѓорѓески кој сопре седум противнички удари, а две негови одбрани при самиот крај на дуелот беа особено важни.
Металург има учинок од едно реми и два пораза, а Фиверс од една победа, два нерешени резултати и три порази. Овој меч наедно беше последен во оваа календарска година на европската сцена.