Во рамките на петото коло од женската ракометна суперлига ракометарките на ЖРК Куманово вечерва на гостувањето во Скопје ја совладаа екипата на ЖРК Шампион со 19:35 (11:17) со што ја постигнаа и својата 5-та последователна победа во првенството со којашто и понатму заедно со екипата на ЖРК Металург останаа на делба на челната позиција на табелата.

Ракометарките на Куманово според очекувањата лесно и убедливо ја совладаа домашната екипа на ЖРК Шампион со 35:19 со што ја продолжија успешната победничка серија и со пет победи од исто толку натпревари и понатаму останаа на водечката позиција на табелата. Вечерашната победа ракометарките на Куманово ја најавија уште по завршување на првото полувреме, кое го добија со 17:11 за да потоа во продолжението со рутинска и ефикасна игра стигнат до уште една висока и заслужена победа.
Најефикасни ракометарки во победничката екипа на Куманово беа Ана Шарановиќ со 8 и Јована Кипријановска со 4 голови додека пак кај домашната екипа на ЖРК Шампион , Тамара Богоевска со 4 и Симона Димитриевска и Нина Неделковска со по 3 постигнати голови.
Во наредното 6 коло екипата на ЖРК Куманово на домашен терен се среќава со екипата на ЖРК Кузман Вардар од Скопје за да потоа во наредното 7 коло во дербито на есенскиот дел од првенството и гостуваат на екипата на ЖРК Металург во Скопје.
Т.Д.