Победите и поразите се составен дел од спортот. Така и ситуацијата со ковид-19 е само моментен пораз, кој ќе мора што побрзо да го надминеме и да се вратиме на стариот победнички колосек. Токму сега всушност ни е потребна најголемата победа на македонскиот ракомет што, пак, ќе значи и победа на националниот спорт број еден. А кога станува збор за националниот спорт број еден, тоа имплицира негова кохезивна сила за сите засегнати фактори и на сите нивоа, заради повисоки спортски достигнувања, но и за многу повисоки, национални цели

Каква тактика против новиот противник – коронавирусот во спортот број еден во Македонија

Ракометот, македонскиот најуспешен спортски репрезент, кој умеел секогаш да гради непоколеблив победнички дух, менталитет, сплотеност, верба во себе, а потоа од теренот сето тоа да го рефлектира и во секојдневниот живот на граѓаните и македонската држава, очигледно не остана имун на пандемијата на коронавирусот. Со спортско-ракометен речник, „ковид-19 засега е во напад и блага предност, а ние сме во одбрана. Натпреварот сѐ уште трае, иницијативата е во тимот на коронавирусот, но мотивацијата е на наша страна“.
Имено, само по две одиграни кола во домашното првенство, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беше принудена на две недели да ги прекине натпреварите во групата А, поради појава на голем број позитивни случаи на коронавирус по одигрувањето на натпревар од 2-то коло.

Но зарем ќе дозволиме новонастанатата ситуација да го избрише сето она што ракометните херои на клупски и на репрезентативен план го направија со својата игра, залагање и со победничкиот менталитет сиве изминати години? Тие репрезенти на државата, кои ги полнеа душата и срцата на македонскиот народ, со нивните постигнати голови, победи, успеси со континуирани настапи на пет европски и исто толку светски првенства, преку кои и нѐ тераа да заборавиме на политиката и на поделбите, да дозволиме коронавирусот да го избрише од нашата колективна меморија? Зарем срцата на македонските навивачи, кои секогаш се исполнети и чукаат како едно и се подготвени да ги бодрат своите миленици секаде, треба сега да ги одвратиме од досегашниот успешно трасиран пат по кој се движиме?
Напротив, токму сега всушност ни е потребна најголемата победа на македонскиот ракомет што, пак, ќе значи и победа на македонскиот народ. А тоа може да се постигне преку сплотување на сите фактори, преземање вистински и навремени мерки и сето тоа и да се примени преку спроведување на соодветните здравствени протоколи против ковид-19. Потоа, повторно треба да ја вратиме и публиката во салите, да го слушаме победничкото навивачко ехо, оти секој триумф на врелиот терен нѐ обединува сите надвор од него.

Ракометните работници, тренерите, играчите и новинарите, со кои разговаравме на оваа тема, се согласни дека спортските федерации, меѓу кои и ракометната, мора да извршат притисок за да се врати и публиката во салите, барем во минимален број, секако, според сите здравствени протоколи и да им се даде дополнителен мотив на играчите да прикажуваат што подобри игри. Мора да се навикнеме да живееме со коронавурусот и да продолжиме да ги правиме сите работи што ги правевме и претходно, но сега во поинакви услови, да бидеме свесни за себе и за опкружувањето и да ги почитуваме сите препораки, поради сериозноста на коронавирусот.

Победата и против ковид-19 во ракометот, секако, ќе претставува и една нова свест. Да не заборавиме, Македонија сака победи, сака успеси, а ракометарите, пак, секогаш сакаат да бидат дел од нив и да се радуваат со народот. Треба со сите сили да настојуваме ракометното срце пак да чука силно и да претставува патоказ за силината на македонскиот спорт и за оние што ја водат државата во годините што ни претстојат. А, потоа, потоа повторно ќе ја тресеме мрежата на нашите ривали, на клупски и на репрезентативен план, а победите долго и громогласно ќе ги прославуваме. Г.И


Кастратовиќ: Професионалност, лична свест, грижа за себе и за другите

Професионалноста, личната свест, грижата за себе и за другите се основните работи до кои треба да се држи секој професионален спортист во услови на коронавирус, за да не се случуваат несакани ситуации што ќе влијаат на околината, клубот, соиграчите и на натпреварувачката сезона, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, додавајќи дека апстинирањето од личните задоволства може многу да придонесе за здравствената безбедност во спортот и заштита од коронавирусот. Та.Д.


Брестовац: Се чини ќе мора да се научиме да живееме со коронавирусот

Се чини ќе мора да се научиме да живееме со коронавирусот и да се приспособуваме на секоја нова ситуација. Факт е дека некој играч ќе заболи, исто така, некој и ќе се повреди, ќе мора да се приспособува играта без него. Опасно е ако вирусот земе замав, затоа клубовите и играчите мора строго да се придржуваат до здравствените протоколи, во и надвор од теренот, и мислам дека нема да имаме слични поголеми случаи, рече селекторот Данило Брестовац. Та.Д.


Стрезовски: Одговорното однесување и заштитата се најважни

Знаеме дека коронавирусот е глобален проблем и свесни сме дека вакви работи ќе се случуваат сѐ додека не се открие вакцина, но дотогаш мора да продолжиме со секојдневните обврски и работи што сме ги правеле и претходно, но во поинакви услови. Кој што и да каже во моментов може да погреши, но едно е јасно, дека овој вирус не е ни малку наивна работа и дека треба многу да се внимава. Одговорното однесување и заштитата се основните работи со кои може да се спречи ширењето вирусот, вели поранешниот селектор, проф. Гино Стрезовски. Та.Д.


Благоевска: Никој со сигурност не може да предвиди како ќе се одвиваат настаните

Никој со сигурност не може да каже и да предвиди што ќе биде и како ќе се одвиваат настаните. Дали ќе се одигра сезоната докрај и на што ќе личи сето тоа во вакви вонредни услови. Одложувањето на натпреварите сега наложува некој друг тек. Овој изместен ритам и големите паузи, најверојатно, негативно ќе се одразат и на формата на играчите, а сето тоа директно или индиректно може да влијае и на репрезентациите. Друга лоша работа во целата оваа ситуација е што нема публика на натпреварите, така што за љубителите на ракометот сѐ се сведува само на оние неколку телевизиски преноси во текот на неделата. Спорт без публика не е тоа што треба да биде. Ако потрае целата оваа ситуација на подолг рок, тоа може да биде погубно. Постепено ќе се загубат интересот, популарноста и навиката за спорт, вели новинарката Билјана Благоевска. Та.Д.


Георгиевски: Оваа состојба е нова за сите и треба да научиме да живееме со тоа

Состојбата со коронавирусот е нова за сите и треба да научиме да живееме со тоа, особено ние ракометрите, кои сме дел од спорт со многу контакти и многу патувања во краток период. Сметам дека лимитираниот круг на движење, минимален контакт со околината, придржување кон здравствените препораки и протоколи се основните работи до кои треба да се придржува секој граѓанин, сепак, станува збор за нашето здравје и за здравјето на нашите блиски, вели македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, кој ја поздрави одлуката на РФМ за сопирање на мечевите на две недели, како и идејата за забрзано играње на натпреварите за добивање простор за справување со слични ситуации. Та.Д.


Михајловски: Се надевам дека сезонава нема да заврши како минатата

И покрај сите проблеми и целата ситуација во која се најде ракометот во моментов мора да се најде соломонско решение. Се надевам дека сезонава нема да заврши како минатата и дека шампионатите овој пат ќе финишираат на терен. Дали тоа ќе биде со уште позачестени тестирања или, пак, ќе се најде некој друг начин во меѓувреме, ќе покаже времето. Можеби повторно ќе има прекини, одложување натпревари, но не смее да се стави „стоп“ на спортот, бидејќи тоа ќе биде поразително, животот мора да продолжи, за да можеме да се вратиме во нормала, смета новинарот Дејан Михајловски. Та.Д.


Андонов: РФМ направи добар потег што игра во забрзан ритам

Сметам дека РФМ направи добар потег со тоа што одлучи да се игра во забрзан ритам. Конкретно во оваа ситуација, тоа им даде време, да има доволно простор да се одиграат одложените натпревари. Сега ситуацијата е сложена, но сметам дека ако има еден или двајца позитивни ракометари во некој тим, тие да бидат во изолација и да се третираат како повредени, а врз другите веднаш да се направат тестови и ако нема нови случаи да се продолжи со активна работа, смета новинарот Душко Андонов. Та.Д.