Во игра за уште три места во полуфиналето се шест репрезентации

Норвежанките ја оправдаа улогата на апсолутни фаворитки во првиот дуел од втората фаза на Европското првенство (ЕП) во ракомет за жени против Хрватска, која не можеше да се спротистави на нивната ефикасност од 72 отсто. За Хрватска тоа беше првиот пораз на ЕП во Данска. Норвешка победи со двоцифрена разлика, 36-25 (иако губеа на полувремето со 14-15) и со петтата победа во низа е прва што се пласира во полуфиналето.
Скандинавките со повикот на искусни ракометарки добија во квалитет не сакајќи да им се повтори нешто слично како на Светското првенство во Јапонија, кога беа поразени од Холанѓанките. Нивното искуството очигледно вреди злато.
– Знаевме дека играме против селекција што беше изненадување на турнирот, која игра долги напади, има многу движења нетипични за европскиот ракомет и е многу дисциплинирана. Бевме доволно фокусирани – изјави норвешкиот селектор Тори Хергеирсон.

Германските ракометарки, пак, ги зачуваа своите шанси за пласман во полуфиналето на ЕП со префрлување два бода од првата фаза. Тие во првиот дуел од втората фаза ја совладаа Унгарија со 32-25, а на Унгарките сега им остана да ги чекаат четвртото коло и мечот со Романија, која нема бодови, како можност за пласман во полуфиналето. Вчера во групата еден играа Црна Гора – Шведска и Данска – Шпанија, а денеска во групата два се среќаваат Холандија – Германија и Унгарија – Романија.
Норвежанката Нора Мерк засега е прв стрелец на Европското првенство со 35 гола од 45 шута (78 отсто) на пет меча, пред Шпанката Кармен Мартин со 27/32 (84 отсто) на четири средби. Најдобра асистентка е Норвежанката Стине Офдал со 24 на пет средби (4,8 просек по натпревар), пред Романката Критина Неагу со 23 на четири меча (5,8). Водечка по збирот на голови и асистенции е Мерк со 52 поени (35 гола и 17 асистенции). Најдобра голманка е Французинката Клеопатра Дарлу, со 15 одбрани од 36 шута (42 отсто) од четири средби, пред Алтеа Реинхард од Данска со 12/30 (40 отсто). Екипно, вкупно најефикасна е Норвешка со 173 гола од 259 шута или 67 отсто, пред Русија со 137/223 на пет меча.


ГРУПА 1

Русија 4 3 1 0 7
Франција 4 3 1 0 7
Данска 3 2 0 1 4
Шведска 3 0 1 2 1
Шпанија 3 0 1 3 1
Ц. Гора 3 0 0 3 0

ГРУПА 2
Норвешка 4 4 0 0 8
Хрватска 4 3 0 1 6
Германија 3 2 0 1 4
Холандија 3 1 0 2 2
Унгарија 3 0 0 3 0
Романија 3 0 0 3 0