Јагањац (со топка) постигна седум гола

За разлика од претходните дуели, сега Металург најдобрите минути ги имаше на почетокот од второто полувреме, кога успеа да ја анулира предноста на противникот на само еден гол, но немаше сили за целосен пресврт

Ракометарите на Металург ја продолжија поразителната серија во годинашната Лига на шампионите (ЛШ). Овој пат во натпреварот од 5-то коло загубија со 25-33 (13-18) на гостувањето кај рускиот првак Чеховски Медведи. И во овој меч младите ракометари од Автокоманда ги покажаа своите добри, но и лоши стани. За разлика од претходните дуели, сега Металург најдобрите минути во натпреварот ги имаше на почетокот од второто полувреме, кога со одлична игра успеа да ја анулира предноста на противникот само на еден гол, но, сепак, не успеа да го скрши отпорот на домашниот состав. Повторно се случи пад во играта на скопјани, а рускиот состав, откако ги консолидира своите редови, со одлична серија создаде солидна предност, која беше доволна за да ја забележи втората победа во низа во ЛШ.

– Не го започнавме натпреварот во посакуваниот ритам, па бевме принудени да го бркаме резултатот. Имавме многу осцилации во играта. За разлика од претходните дуели, сега второто полувреме го започнавме одлично, стигнавме на минус еден и повторно ни се случи пад. Фактот што ја имаме најмладата екипа во ЛШ доволно зборува дека ни треба уште многу напорна работа за овие млади момци да го достигнат нивото што го посакуваме – изјави помошник-тренерот Оливер Димитриоски, кој поради суспензијата на првиот тренер Данило Брестовац го предводеше Металург од клупата.

Сепак, мечот меѓу Металург и Чеховски Медведи ќе остане во позитивно сеќавање за Металург, но и за ракометна Европа, бидејќи најмладиот ракометар сезонава во ЛШ, Стефан Додиќ (15), беше стрелец на два гола од линијата за седум метри, со што стана и најмладиот стрелец во историјата на ЛШ.

И во овој дуел, најефикасен во составот на Металург беше левиот бек Халил Јагањац со седум гола, а четири реализации впиша десното крило Анте Токиќ.
Следува пауза во следните две седмици во ЛШ поради неделата на ЕХФ и одигрувањето на квалификациските мечеви за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Следниот натпревар од ЛШ, Металург ќе го игра на 4 ноември (17 ч.), во кој во реванш-меч ќе го пречека токму Чеховски Медведи.


Брестовац: Се чувствував како криминалец

Ден пред натпреварот со Чеховски Медведи, Европската ракометна федерација (ЕХФ) го извести тренерот на Металург, Данило Брестовац, дека поради црвениот картон на претходниот меч со Силкеборг, нема да има право да ја води екипата на дуелот со рускиот првак.
– ЕХФ направи да се чувствувам како да сум криминалец. По доаѓањето во салата ми забранија било каков контакт со екипата, пред и за време на натпреварот. Ми кажаа дека најстрого ми е забранета било каква реакција или сугерирање од трибините за време на мечот и на полувремето. А за да бидат што посигурни во сето тоа, делегатот ме смести на последниот ред во полупразната сала – резигнирано вели Брестовац.