Верувам дека со мотивирана игра и со сериозен пристап не би требало да имаме никаков проблем во утрешниот натпревар со Спачва. Имаме искусна и квалитетна екипа, за која сум убеден дека ќе знае да ја искористи секоја ситуација на теренот и дека утрешниот резултат ќе ни гарантира мирен реванш во Винковци, изјави тренерот Кастратовиќ пред мечот во првото квалификациско коло за пласман во новоформираното натпреварување на ЕХФ

РАКОМЕТ – СО ДУЕЛОТ УТРЕ ПРОТИВ СПАЧВА ВО СКОПЈЕ

Со утрешниот меч (во 19 часот, сала „Автокоманда“) од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа (ЛЕ), против хрватскиот тим Спачва од Винковци, ракометарите на Металург ќе ја почнат новата европска сезона, во која првична цел им е пласман во групната фаза од новоформираното натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Тренерот на металурзите Зоран Кастратовиќ верува во својата екипа и се надева на ефикасно остварување на поставените задачи и цели.
– Верувам дека со мотивирана игра и со сериозен пристап, како што имавме во мечот со Пролет, не би требало да имаме никаков проблем во утрешниот натпревар со Спачва. Ја анализиравме нивната поставеност на играта, така што сметам дека доколку ја спречиме нивната игра со пикер, половина од работата е завршена. Имаме искусна и квалитетна екипа, за која сум убеден дека ќе знае да ја искористи секоја ситуација на теренот и дека утрешниот резултат ќе ни гарантира мирен реванш во Винковци – изјави Кастратовиќ.

За ракометарите на Спачва утрешниот меч ќе биде прв излез на европската сцена, а Металург зад себе има богато 20-годишно европско искуство од играњето во Лигата на шампионите (десет сезони), Купот на ЕХФ (пет сезони), Купот на победници на купови (три сезони) и во Челинџ-купот и Купот на градовите (по една сезона).
Во пресрет на новата сезона, Спачва направи големи играчки промени. Од тимот си заминаа десното крило Дарио Рагуж и централниот бек Марин Мариќ, а дојдоа шест нови играчи, од кои двајца млади. Меѓу новаците се повратникот, централниот бек Домагој Недиќ (25), десниот бек Давид Чичак (21), левото крило Матеј Радовиќ, а од Метковиќ пристигна десното крило Марко Бунтиќ (22).
– Металург состави многу добар тим сезонава. Го имаат Хорват, нападот го води Тарабокија, во бековската линија се Рниќ и Потиќ, на линијата од шест метри го имаат Канкараш, а на голот искусниот Дупјачанец, имиња што доволно зборуваат за нивниот квалитет. Нивна предност се искуството и квалитетот, а наша се надеваме дека ќе бидат празните трибини во Скопје – изјави тренерот на Спачва, Јосип Мечиќ.

Минатиот викенд Спачва настапи на пријателски турнир во Дубрава, каде што забележа два пораза, од домаќинот (25-29) и од тимот Горица (28-30). Најефикасен во редовите на Спачва беше Чичак, со десет гола, а пикерите Рене Михаљевиќ (осум) и Матко Боланца (шест) заедно имаа 14 реализации.
Во подготвителниот период металурзите одиграа шест натпревари, од кои четири на турнирот во Струга (три победи и еден пораз), како и мечеви со Вардар и со Пролет (пораз и победа). Реваншот во Винковци е закажан за 5 септември.