Ракометарите на Металург го претрпеа и четвртиот пораз во натпреварите од Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, овој пат на гости од данскиот вицепрвак Силкеборг, со 25-33 (14-16). И во овој меч избраниците на Данило Брестовац одиграа по стариот рецепт, одлично прво полувреме и дијаметрално спротивно во продолжението од натпреварот.
Повторно првите 10 минути од второто полувреме беа со пад во играта на Металург, во кои му дозволи на противникот без многу мака да создаде комотна предност за мирна завршница на натпреварот.
– Вистински боли кога гледам како ги отвораме вторите полувремиња. Првите 10 минути од вториот дел беа најлошите. И овој пат му дозволивме на противникот многу лесно да се стекне со комотна предност. Не барам никкво алиби, но, за разлика од минатите мечеви, сега морам да се пожалам и на нееднаквиот судиски критериум. Секој наш контакт во одбраната беше санкциониран и секој шут под полуфаул на противникот беше вратен на девет метри, што не беше случај кога ние бевме во напад. На сето тоа се надоврзаа и двете минути и црвениот картон што го добив, затоа што по досудениот пенал за нас реков „благодарам“, што од страна на делегатот беше протолкувано како сарказам – изјави Брестовац.
Најефикасен во составот на Металург беше левиот бек Халил Јагањац, со 10 гола, а по четири реализации имаа Анте Токиќ и Филип Арсеновски. Во 5-то коло Металург повторно ќе игра на гости, овој пат кај рускиот првак Чеховски медведи, кој викендов славеше на гостувањето кај Татран со 28-27.
Јагањац и Дибиров во тимот на колото
Добрата игра и 10-те гола на Халил Јагањац не останаа незбележани од ЕХФ, па за добрата партија против Силкеборг, тој доби место во идеалната постава на 4-то коло во ЛШ. Осумте гола во дуелот со Левен му обезбедија место и на вардаровото лево крило Тимур Дибиров (вторпат сезонава). Централната бековска позиција ја доби Томас Могенсен од Скјерн. Магнус Род од Фленсбург ја доби десната бековска позиција, а Аркадиус Морито од Киелце е изборот на десната крилна позиција. Во мечевите од 4-то коло најдобар впечаток на линијата од шест метри остави пикерот на Загреб, Сењамин Буриќ, а голманската позиција му припадна на Перез де Вардас од Барселона.