Женската ракометна репрезентација на Македонија беше совладана од Србија со 35:30 во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во Франција.
Македонија на гостувањето во Ниш со пораз и без пласман го заврши настапот во квалификациите.
Со исклучок на првите десетина минути од натпреварот кога македонските ракометарки пружија посериозен отпор, во останатиот дел од натпреварот Србинките доминираа на теренот.
Македонските ракометарки завршија на третото место во групата со четири порази во натпреварите против Србија и Шведска, но и две победи против Фарски Острови.
Србија со денешната победа го освои првото, а Шведска на ЕП ќе оди како втропласирана.
Репрезентативката Мирјета Бајрамоска, која одлучи да ја заврши ракометната кариера, денеска го одигра последниот натпревар во дресот на македонската репрезентација.