Фото: РФМ

Во првиот пријателски дуел, Македонија загуби со 25-32, а потоа со 26-31

РАКОМЕТ – ПРИЈАТЕЛСКИ СРЕДБИ СО ЕГИПЕТ

Машката репрезентација на Македонија ги загуби и двата пријателски дуела од Египет, кои се одиграа во Каиро, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), кои послужија да се провери формата и да се уиграат одредени тактичко-технички елементи пред Европското првенство (ЕП) во јануари 2022 година во Словачка и во Унгарија.
Првиот меч Македонија го загуби со 25-32, и тоа во последните петнаесетина минути, кога противникот резултатски се одвои со серија од 4-0. Најефикасен играч кај црвено-жолтите беше бекот Филип Талески со шест гола, Цветан Кузмановски реализира четири, Бојан Маџоски три… Во вториот дуел Македонија загуби со 31-26, во меч во кој во второто полувреме Македонија резултатски се врати и стигна до минимална негатива од 15-16. Повторно најпрецизен беше Талески, со девет гола, а го следеа Цветан Кузмановски со седум и Мартин Велковски со пет гола.
Египет е седумкратен првак на Африка, има 16 настапи на светските првенства (во 2001 година го освоил четвртото место), а на Летните олимписки игри во Токио годинава беше четврти. Македонија на СП со Египет се сретнала двапати и двапати загубила, на СП 1999 (24-30) и на СП 2021 (19-38).


Хрватска ја победи Словенија, а Данска ја совлада Франција

Викендов се одиграа повеќе други контролни репрезентативни мечеви пред Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Словачка и во Унгарија, каде што Македонија е во група со Црна Гора, Данска и со Словенија. Хрватска во Новиград ја совлада Словенија со 34-31, а кај поразениот тим најефикасен беше десниот бек Јуре Доленец со шест гола од шест обида. Црна Гора по победата на турнирот во Тунис, со Швајцарија (35-31), загуби од домаќинот (28-30), а минимално ја совлада Зелено’ртската Република (30-29). На овој меч доминираше левото крило Милош Вујовиќ со 13 гола. Данска, пак, која на првиот меч од „Златната лига“ во Норвешка (настапуваат четири селекции) го совлада домаќинот (31-28), во вториот дуел беше подобра и од Франција (31-26). Вчера Данска требаше да го одигра и натпреварот со Холандија.


Мустафа: Подготвени сме за следната предизвикувачка ера на ракометот

Египќанецот Хасан Мустафа на конгресот на Светската ракометна федерација (ИХФ), кој поради пандемијата се одржа преку интернет, е реизбран за претседател на ИХФ и тој ќе биде на чело на федерацијата и во следните четири години. Мустафа на оваа функција е од 2000 година.
– Сега сме подготвени за следната предизвикувачка ера на ракометот. Моја цел и должност беше да го подобрам ракометот и да го направам постабилен, потранспарентен и поодговорен. Ракометот не прави дискриминација и ние мора да одиме заедно како една целина, да ја покажеме довербата на светот. Треба да го направиме ова заедно – рече Мустафа.