Македонската ракометна репрезентација го совлада Исланд со 34-33 на гости, во дебито на Данило Брестовац на селекторската функција, во рамките на третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство в година.
Дејан Манасков го постигна победничкиот гол во последната секунда, откако претходно домашниот голман го одбрани неговиот удар од пенал, но одбиената топка се врати до македонскиот крилен ракометар, кој погоди за важен триумф.
Токму Манасков беше најефикасен македонски ракометар со осум гола, додека Гоце Георгиевски постигна седум погодоци, а кај домаќинот се истакна Арон Палмарсон со 12 реализирани удари.
Македонија моментно е на прва на табелата во групата 3, со четири бода, исто колку што има и второпласираниот Исланд, додека потоа следат Турција и Грција со по два бода. Турција денеска беше подобра од Грција на гости со 26-22.
Македонија и Исланд повторно ќе се сретнат в недела, кога „црвено-жолтите“ ќе бидат домаќини во СЦ „Борис Трајковски“.