Женската ракометна репрезентација на Македонија го совлада Исланд со 24-17 во денешниот меч одигран во СЦ „Борис Трајковски“, во рамки на квалификациите за пласман во баражот за учество Светското првенство (СП) годинава во Шпанија. Сара Ристовска беше најефикасна со 11 гола, додека Елена Ѓорѓиевска постигна шест погодоци за Македонија.
По победата над Исланд, репрезентациите на Литванија и Грција се следните два ривали на Македонија за обезбедување место во баражот за пласман на Мундијалот.
Македонија и Литванија досега пет пати се сретнале во квалификациите за пласман на големите натпреварувања, од кои четири пати во квалификациите за европските првенства (ЕП) и еднаш за СП. Македонија има четири победи од квалификациските дуели за ЕП 2010 (33-19, 32-24) и за ЕП 2012 (32-24, 34-25) и едно реми од квалификациите за пласман на СП 2005 (34-34). Македонија и Грција, пак, досега меѓу себе играле само еднаш, и тоа во квалификациите за пласман на СП 2011, Македонија победи со 27-21.
Меѓу селекциите од групата 2, Македонија има најмногу учества на СП, пет (1997, 1999, 2001, 2005 и 2007), од кои најдобриот пласман ѝ е седмо место на СП 1997. Исланд учествувал на СП 2011, на кое го освоил 12-то место, а еднаш на СП играла и Литванија, во 1993-та, кога го освоила 13-то место.
Пласман во баражот ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции од секоја од петте групи, а можни противници на десетте селекции се репрезентациите на Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија и на Шведска. Ждрепката на двојките е закажана за понеделник.