Со неизвесниот и драматичен меч помеѓу бундеслигашот Левен и француски Нант започна осминафиналната нокаут-фаза во ракометната Лига на шампионите (ЛШ).
Другарите на Филип Талески (кој не постигна гол) од Левен беа поуспешни од тие на Кирил Лазаров од Нант, па во првиот меч, кој изобилуваше со многу голови, Германците славеа со 34-32 (17-15), иако на осум минути до крајот имаа предност од пет погодоци (31-25). Пикерот Јаник Колбахар (11 гола) и централниот бек Енди Шмид (осум) беа лидери кај Левен во победата. Кај Нант, пак, прв стрелец беше левиот бек Оливер Ниокас со седум гола, додека десниот бек Кирил Лазаров реализира два.
Утре и задутре првата осминафинална рунда ќе се комплетира со преостанатите пет дуели. Утре силите ќе си ги одмерат ракометрите на Мотор и Киелце (18.30 ч), Мешков Брест – Флензбург (20 ч.) и Загреб – Вардар (20.30 ч), а в недела Висла ќе го пречека Сегед (16 ч.), а Веспрем ќе му гостува на годинешниот дебитант Спортинг од Лисабон.