Харкур Трастарсон (Исланд)

На минатите светски првенства блескаа сега планетарно познатите Мае, Гребил, Палмарсон, Пекелер, Жалуз, Душебаев, Ландин, Сагосен, Бергеруд, Фабрегас, Ричардсон, Мем…, а сега во фокусот, според ИХФ, се Серафимов, Трастарсон, Пасквал, Изкиердо, Зетерлунд, Андерсон, Мараш, Милета итн.

Од вторникот Македонија е домаќин на 24-те најдобри репрезентации на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години, а низ историјата на овие кадетски првенства се покажало дека мундијалите за овие категории се местото каде што се раѓаат новите големи ракометни имиња. Нема сомнение дека и осмиот во низа мундијал во Скопје ќе биде лансирна станица за нови имиња, кои во следните сезони ќе бидат носечки столбови на сениорските репрезентации и во матичните клубови. Некои од нив веќе ѝ се познати на светската ракометна јавност преку нивните настапи за сениорските тимови и селекции, а некои од нив ќе блеснат токму на мечевите на ова првенство.

Исланѓанецот Харкур Трастарсон (во досегашниот тек од првенството стрелец на 20 гола и асистент на уште 19) е името што со својата игра остави белег на последното сениорско Светско првенство што во јануари се играше во Германија и во Данска, меѓутоа капитенот на македонскиот национален тим Мартин Серафимов е единствениот меѓу кадетите, кој со својот матичен клуб Металург две сезони едноподруго е дел од натпреварите од Лигата на шампионите, во која досега постигна 25 погодоци. Искуство од настапите во ЛШ има и чуварот на македонскиот гол Марко Кизиќ, а голманот на Силкеборг Оливер Ларсен (Данска) и десниот бек на Веспрем, Лев Шихариев (Унгарија) биле во состав на своите екипи на мечеви од ЛШ, но без настап.

Меѓу имињата што Светската ракометна федерација (ИХФ) во пресрет на почетокот на СП ги издвои како клучни за своите репрезентации се, на пример, во хрватскиот тим десниот бек Матео Мараш, пикерот Џанфранко Прибетиќ и десното крило Фран Милета (кој моментално е најефикасен во хрватскиот состав со 20 гола од 21 шут), кој беше дел и од јуниорската селекција на Хрватска, која на СП што заврши пред десетина дена стигна до сребрениот медал. Во францускиот состав, пак, како клучни играчи ги издвои централниот бек Садоу Нтанзи (досега стрелец на 20 гола) и левото крило Древи Пашал (со 26 реализации во три меча).

Во отсуство на првото име во словенечкиот состав централниот бек Домен Макуц улогата на носители на играта ќе ја имаат браќата Енеј и Сташ Слатинек Јовичиќ (првиот е централен бек, а вториот лево крило), десниот бек Тадеј Кљун и пикерот Лан Грбиќ. Во српската селекција клучни имиња се десниот бек Јовица Николиќ и левиот бек Данило Радовиќ, а, според ИХФ, покрај Серафимов и десното крило Ненад Костески, во македонскиот состав имиња од кои се очекуваат блескави партии се голманот Кизиќ, пикерот Кристијан Симоновски, левиот бек Михајло Младеновиќ…
Пред 10 години на СП во Тунис блеснаа Кентан Мае, Валентин Порт, Матју Гребил (Франција), Арон Палмарсон, Стефан Сигурмансон (Исланд), Хенрик Пекелер (Германија), Ваел Жалуз (Тунис), Марино Мариќ и Иван Слишковиќ (Хрватска). На следното СП, во 2011 година во Аргентина се истакнаа Алекс Душебаев, Феран Соле и Аитор Арињо од Шпанија, Лука Шебетиќ, Стипе Мандалиниќ, Домагој Павловиќ од Хрватска, Јулиус Кун и Фабијан Виде од Германија, Александер Шепнде и Блаж Благотиншек од Словенија, Мијајло Марсениќ од Србија и Александар Деревен до Русија.

Пред шест години на СП во Унгарија ракометната јавност првпат слушна за Никлас Ландин од Данска, Сандер Сагосен и Торборн Бергеруд од Норвешка, Рожерио Мораеш и Мануел Лангаро од Бразил, Јаник Колбахер и Пол Друкс од Германија и Урх Кастелиц од Словенија.

Мундијалот во Русија во 2015 година беше отскочна штица за Роман Лагард, Лудовик Фабрегас, Мелвин Ричардсон и Дика Мем од Франција, Блаж Јанц, Јака Малус и Гаспер Маргуч од Словенија, Даниел Душебаев од Шпанија, а на последното кадетско СП во Грузија во 2017 година испливаа Халил Јагањац со Хрватска, Домен Макуц со Словенија, Андре Гомез, Луиш Фраде и Диого Силва со Португалија, Килијан Вилеминот со Франција, Сергеј Косоротов со Русија и др. 


На СП во Скопје играат синовите на Пасквал и на Питлик

Меѓу имињата што Светската ракометна федерација (ИХФ), во пресрет на почетокот на СП, ги издвои како клучни за своите репрезентации се шпанското лево крило Алекс Пасквал и централниот бек Андер Изкиердо, данскиот чувар на мрежата Свенд Бро Ругхаве и организаторот на играта Симон Питлик.
Крилото Пасквал, кое во досегашниот тек на првенството за шпанскиот состав има постигнато 17 гола, е син на тренерот на Барселона Чави Пасквал (двапати победник на ЛШ…), додека, пак, централниот бек и капитен на данскиот состав Симон Питлик (стрелец на девет гола и 10 асистенции) е син на поранешниот тренер на женскиот тим на Вардар, Јан Питлик, кој наедно беше и селектор на женската репрезентација на Данска (две злата од ЛОИ, бронза од СП…), а сега е тренер на женскиот тим на Одензе.

Симон Питлик (Данска)
Алекс Пасквал (Шпанија)