Задоволен сум од тоа на кој начин ја завршивме групната фаза, но не сум задоволен од конечниот пласман на табелата во групата А. Иако клупската амбиција со пласманот во групната фаза беше остварена, потајно сите посакувавме и се надевавме на осминафинале, но околностите не ни го дозволија тоа. Коронавирусот сезонава направи сериозна штета врз формата и квалитетот на нашата игра. Меѓутоа, ако се погледне од малку поинаков агол, младите ракометари на Металург се тие што најмногу имаа бенефиција, бидејќи добија непроценливо искуство на меѓународната сцена. Верувам дека искуството од европските мечеви сезонава ќе го искористиме за што подобра, поборбена и поквалитетна игра во мечевите од домашното првенство и во Купот, изјави тренерот Димитриоски
Коронавирусот сезонава направи сериозна штета врз концептот и играта на Металург
Ракометарите на Металург борбено и со стил се збогуваа од натпреварувањето во новоформираната Лига на Европа, одигрувајќи го најдобриот меч сезонава против шпанскиот вицепрвак Адемар Леон (27-27), во Скопје. Иако мечот немаше никаква резултатска бенефиција за тимот од Автокоманда, избраниците на тренерот Оливер Димитриоски одиграа максимално од првата до последната минута од натпреварот, покажувајќи ги своето вистинско лице и квалитет.
– Задоволен сум од тоа на кој начин ја завршивме групната фаза, но не сум задоволен од конечниот пласман на табелата во групата А. Иако клупската амбиција со пласманот во групната фаза беше остварена, потајно сите посакувавме и се надевавме на осминафинале, но околностите не ни го дозволија тоа. Коронавирусот сезонава направи сериозна штета врз формата и квалитетот на нашата игра, а големо влијание во вториот дел од сезоната имаше и заминувањето на неколкумина искусни играчи од нашиот тим. Поради големиот број позитивни случаи на коронавирус, бевме принудени февруарските мечеви на европската сцена да ги одиграме со преполовен состав, без Хорват, Тарабокија, Лазаревски, Марковски, Тодески, во кој имавме само 11-12 играчи, од кои тројца беа голмани, а испразнетите позиции ги покривавме со млади и неискусни ракометари од по 16-17 години. Меѓутоа, ако се погледне од малку поинаков агол, младите ракометари на Металург се тие што најмногу имаа бенефиција од целата оваа ситуација, бидејќи добија непроценливо искуство на меѓународната сцена, кое многу ќе им користи во нивниот понатамошен развој и напредок. Верувам дека искуството од европските мечеви сезонава ќе го искористиме за што подобра, поборбена и поквалитетна игра во мечевите од домашното првенство и во Купот на Македонија – изјави Димитриоски.
Металург сѐ уште се држи до концептот „македонски ракометен расадник“. Иако попречен од корона-кризата, Металург и сезонава на европската сцена испорача млади и надежни ракометни имиња, кои во целост ги оправдаа минутите поминати на теренот. Десното крило Александар Петковски (16 години) со пет гола стана најмладиот стрелец во ЛЕ, а неговиот врсник, голманот Давид Брестовац, е најмладиот голман што забележал интервенција на европската ракометна сцена. Минутажата на теренот максимално ја искористи и централниот бек Стефан Додиќ (17), кој сезонава запиша 22 реализации зад своето име.
Ракометарите на Металург сезонава во групата А во ЛЕ забележаа една службена победа над Тулуз, ремија со Фиверс (33-33) и со Адемар Леон (27-27) и порази од Тулуз (33-29), Адемар Леон (41-32), Фиверс (45-30), Чеховски медведи (40-27 и 37-32) и од Висла (38-19 и 35-20), и со четири бода се шести.
Слабата одбрана беше најголемиот проблем во играта на Металург во мечевите од групната фаза во ЛЕ, но затоа металурзите сезонава го имаа најдобриот напад во последните пет сезони на европската сцена, со ефект од 27,6 гола по меч. Во мечевите од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во сезоната 2018/2019, нивниот просек беше 24,6 гола, сезона пред тоа имаа ефект од 26,2 гола, во 2016/2017 просекот на нападот на Металург беше 24 гола, а во 2015/2016 металурзите постигнуваа по 21,4 гол по меч.
Во деветте одиграни средби од групната фаза, најефикасна беше бековската линија на Металург, која постигна 119 гола, или 48 отсто од вкупниот број погодоци. Крилата имаа ефект од 91 гол (37 отсто), а од линијата од шест метри металурзите реализираа 39 гола (15 отсто од вкупниот број голови). Поединечно, левото крило Милан Поповиќ со 58 гола е најефикасен сезонава на европската сцена, 49 гола постигна десниот бек Мартин Серафимов, 46 реализации запиша десното крило Златко Хорват, а три помалку има централниот бек Марко Тарабокија.
ЕХФ со пофални зборови за Металург
Добрата игра на Металург во последниот меч од групната фаза на Лигата на Европа доби позитивни критики од Европската ракометна федерација (ЕХФ), која на својата интернет-страница, во анализа насловена „Металург – гордо до крајот“, металурзите ги опишаа како горд и борбен тим, кој, и покрај неостварениот пласман во следната фаза, одиграл одличен меч против шпанскиот вицепрвак.
– Можеби тимот од Скопје не беше најинтересен за гледање сезонава, по лошите порази од Висла, но во последниот меч тие дадоа сѐ од себе за со стил да се збогуваат од Европската лига. Во тешката борба малку недостигаше Металург да направи изненадување и да го изненади Адемар Леон, кој славеше со девет гола во првиот меч. Последната минута од мечот е доказ за нивната гордост. Додека многу екипи во ваква ситуација би се откажале, Металург избра да се бори до последната секунда и стигна до заслужено реми – пишува во анализата на мечот на ЕХФ.
ОСМИНАФИНАЛЕ НА ЛЕ
Чеховски м. – Ним
Еурофарм П. – Магдебург
Спортинг – Висла
Фиверс – Фуксе Берлин
Кристијанштад – Адемар
ГОГ – ЦСКА
Монпелје – Кадетен
Нексе – Левен
мечевите се на 23 и на 30 март