Актуелниот шампион Франција ќе игра во квалификациите за ЕП за жени во 2020 година. На денешната ждрепка Македонија ќе биде во третиот барабан

Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе биде во третиот барабан на утрешната ждрепка во Копенхаген, по која ќе ги добие противниците во квалификациската група за пласман на Европското првенство во 2020 година, кое треба да се игра во Данска и во Норвешка.

Според критериумите на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и рејтингот што го има, Македонија доби место во третиот барабан, заедно со селекциите на Австрија, Белорусија, Словачка, Турција, Украина и на Италија. Во квалификациите ќе има седум групи со по четири репрезентации, а првите две од секоја група ќе обезбедат учество на континенталниот собир.

Само домаќините Норвешка и Данска имаат обезбедено директен пласман, а не и актуелниот европски првак Франција, како што беше случај и со претходните европски прваци (Норвешка за минатите две ЕП, пред тоа Црна Гора итн.). Во машка конкуренција, пак, Шпанија, која ја освои титулата во 2018 година, има директно место на ЕП 2020, што не беше случај со некои претходни шампиони, како Франција, која по титулата во 2016-та играше квалификации за ЕП 2018, но директен пласман имаше истата селекција по триумфот на ЕП 2010 за настап на следниот континентален шампионат.

Првите квалификациски натпревари би требало да се одиграат во последната седмица од септември годинава.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

ПРВ Франција, Холандија, Русија, Шведска, Романија, Ц. Гора, Германија
ВТОР Србија, Чешка, Унгарија, Шпанија, Словенија, Полска, Хрватска
ТРЕТ Македонија, Австрија, Белорусија, Словачка, Турција, Украина, Италија
ЧЕТВРТИ Швајцарија, Исланд, Португалија, Литванија, Фарски Острови,
Косово и една од претквалификациите (Израел, Финска, Грција и Луксембург)