РАКОМЕТ – ЛИГА ЕВРОПА

Со одигрувањето на дел од мечевите од првото квалификациско коло во Лигата на Европа (ЛЕ), викендов и официјално почна европската ракометна сезона. Во првите мечеви дел од фаворитите беа сигурни, имаше тимови што изненадија со својата игра и со борбеноста, но за одбележување се поразите на трите дански претставници што важеа за фаворити во дуелите од 1. коло. ГОГ Гудме загуби од Целје на гостувањето во Словенија со 29-33. Данскиот вицепрвак Силкеборг на свој терен загуби минимално од шведскиот Истад со 22-23, а екипата на Холстебро со 25-31 е поразена на гости кај Тримо Требње.

Гостински победи остварија ЦСКА Москва (29-25) во дуелот со Макаби, Бенфика над Кринс Луцерн (31-24), Констанца над Чургу (27-23) и Тулуз на гости кај Алпла Хард (27-23). Дебитантот на европска сцена, хрватски Сесвете беше поразен на гостувањето кај Азоти Пулави со 21-29.

Македонскиот претставник во квалификациите од ЛЕ, Пролет, двата меча од 1. квалификациско коло со шпанскиот претставник Гранољерс ќе ги игра на гостински терен в петок и в сабота, а екипата на Еурофарм Пелистер доби директно место во групната фаза на ЛЕ.