Пред почетокот на ЕП реков дека проширениот систем на натпреварување ќе биде нагазна мина за фаворитите. Елиминацијата на Франција, Данска и на домаќинот Шведска значи дека ракометот отишол многу напред, бидејќи пред неколку години беше незамисливо „големите“ и домаќините да не играат најмалку до полуфинале на ЕП и на СП, вели Вори, спортскиот директор во хрватската репрезентација
Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“
Во силен ритам го играме Европското првенство и многу е важно што на средбата со Чешка успеавме да ги одмориме клучните играчи и да победиме. Тој триумф ни покажа дека имаме голем избор ракометари на клупата и дека не треба да се грижиме за ротацијата. Сега на ред е дербито со Шпанија, на кое ќе одиме на победа и пласман на првото место во групата, ни рече Игор Вори, кој е во стручниот штаб на Лино Червар во ракометната репрезентација на Хрватска на Европското првенство (ЕП) што се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.
Главните фаворити за освојување на трофејот на ЕП 2020, Франција и Данска, се елиминирани во првата фаза, Германија и домаќинот Шведска се „сопнаа“ во главната фаза. Ова ЕП покажа дека не играат имињата, туку волјата и желбата на играчите.
– Пред почетокот на ЕП реков дека проширениот систем на натпреварување ќе биде нагазна мина за фаворитите. Елиминацијата на Франција, Данска и на домаќинот Шведска значи дека ракометот отишол многу напред, бидејќи пред неколку години беше незамисливо „големите“ и домаќините да не играат најмалку до полуфинале на ЕП и на СП – смета Вори.
Според поранешниот кружен напаѓач, а сега спортски директор на хрватската селекција, новиот систем на натпреварување на ЕП воопшто не е проблематичен, а смета и дека ѝ одговара на Хрватска.
– Засега системот „натпревар, пауза, натпревар“ ни одговара. Мислам дека е полошо да се игра ден за ден, макар тоа биле и помалку мечеви. Како што се наближува крајот на ЕП 2020, така играчите се поуморни, им треба најмалку еден ден да се одморат и да ја разбистрат главата. Затоа мислам дека системот е добар – нагласува Вори.
Тој во својата кариера одигра 223 меча за Хрватска, во 2003 година на Светското првенство (СП) во Португалија го освои златниот медал, во 2004 година во Атина олимпиското злато. Европското злато двапати му беше на дофат, но во финалињата во 2008 и во 2010 година се испречија Данска, односно Франција. Со своите 203 см дејствуваше како титан меѓу ракометарите, постигна над 500 гола за хрватската репрезeнтација. Сега покрај аут-линијата „ужива“ во мирниот живот.
– Многу е потешко да играш отколку да бидеш покрај аут-линијата на клупата. Им се восхитувам на репрезентативците, бидејќи ги гледам колку многу се вложуваат во целиот процес на подготовка за тренинг и за натпревар – вели Вори.
Во пресметката „еден-два“ денеска, од 16 часот, ќе се судрат досега непоразените Шпанија и Хрватска. Првопласираниот од групата 1 во полуфиналето ќе игра со второпласираниот од групата 2, а вториот од групата 1 со победникот на групата 2. Тие мечеви се в петок.