Ослабениот Металург не успеа да направи изненадување против полскиот вицепрвак Висла Плок кој повторно славеше и во вториот меѓусебен дуел од ракометната Лига на Европа, овој пат со 35-20. Висла завчера го доби првиот меч со 38-19. И двете средби беа одиграни во Полска.
Металург вечерва настапи со 11 ракометари, откако повеќемина првотимци отсуствуваа поради повреди и ковид-19, што фаворизираниот домаќин го искористи. Висла на отворањето на мечот стекна предност од 6-1 која потоа постепено ја зголемуваше.
Најефикасни кај Металург беа Мартин Серафимов со осум и Милан Поповиќ со пет гола, додека Андреј Митиќ забележа четири погодоци, а новото засилување Василие Калуѓеровиќ реализираше три удари. Кај домаќинот најрасположени беа Ловро Михиќ со осум и Нико Миндегија со седум погодоци.
Висла Плок е единствениот меѓу 24-те учесници во Лигата на Европа што има максимален ефект од седум победи во исто толку одиграни натпревари, додека Металург има едно реми во досегашните пет шест средби.