Во дуелот на дотогаш најдобриот напад и најдобрата одбрана во групата А, славеше нападот на Барселона (вкупно 268 гола), која сега има и најдобра гол-разлика
Ракометарите на Вардар го доживеаја и третиот пораз во последните четири натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ), откако во 8-то коло убедливо загубија од силната Барселона со 26-34, на гости. Црвено-црните една недела претходно во Скопје загубија со 26-30 од шпанскиот првак, па сега си ги намалија шансите за освојување на првото место во групата, она што го направија претходните две сезони. Избраниците на тренерот Роберто Парондо имаа сили за само 30 минути, а потоа се повтори сликата од СЦ „Јане Сандански“. Почетните петнаесетина минути од вториот дел скопјани ги одиграа слабо затресувајќи ја противничката мрежа само трипати.
Ефикасноста на нападот на Шпанците од 71 отсто, наспроти вардаровиот од 67 отсто, двоцифрениот број примени голови од контри и 16-те грешки кај вардарци (и покрај 15-те одбрани на голманот Дејан Милосављев), се доволен показател дека во дуелот на дотогаш најдобриот напад и најдобрата одбрана во групата А, славеше нападот на Барселона (вкупно 268 гола), која, патем, сега има и најдобра гол-разлика.
Барселона по поразот во 1-то коло од Левен нанижа седум победи и е еден од главните фаворити за освојување на титулата. Вардар сега е на четвртата позиција со 10 бода. Ова беше 15-ти дуел на двата клуба во ЛШ, Шпанците имаат 12 победи, едно реми и два пораза.