Двете екипи досега дури 13 пати ги одмериле силите во ЛШ (10 победи за Шпанците, едно реми и два триумфа за Вардар), а новиот дуел е утре од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“
Ракометарите на македонскиот првак Вардар, утре (17 ч.), ќе бидат пред тежок предизвик во Лигата на шампионите (ЛШ), бидејќи во 7-то коло во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, гостува деветкратниот европски првак, славниот шпански клуб Барселона. Двата клуба досега во ЛШ ги одмериле силите дури 13 пати, а далеку поуспешни се Шпанците со 10 победи, едно реми и два пораза, од кој еден во полуфиналето на фајнлфорот во 2017 година, кога вардарци првпат станаа европски прваци (25-26).
– Ќе одлучуваат нијанси. Модифициравме некои варијанти, но во оваа пригода тоа нема да го коментирам. За квалитетите на нашиот противник не треба многу да се зборува, тоа е клуб, кој секогаш игра квалитетно и претендира да игра на фајналфорот. Барселона годинава е поквалитетна од лани и сигурно нѐ очекува неизвесен меч. Но, трениравме напорно и подготвени сме за предизвикот – вели Роберто Парондо, вардаровиот тренер.
За Барселона играат 16 интернационалци од девет држави (четворица Французи, тројца Данци, по двајца Романци и Германци и по еден Португалец, Словенец, Бразилец, Исланѓанец и Полјак). Годинава клубот се засили со десните бекови Марк Бодор од Романија и Јанек Клајн од Германија, левиот бек Жилберто Дуарте од Португалија, централниот бек Јури Кнор од Германија, пикерите Лудовиик Фабрегас од Шпанија и Тиагус Дош Сантос од Бразил и левото крило Каспер Мортенсен од Данска.
Шпанците, предводени од искусниот тренер Хавиер Паскал, се пробивни по сите линии на теренот со извонредна транзиција и голема истрајност до последните секунди. Има многу квалитетни ракометари, а би ги издвоиле француските шутери, десниот бек Тимоти Н’Гесан (23 гола сезонава во ЛШ) и левиот бек Дика Мем (27 погодока), истакнатиот исландски централен бек Арон Палмарсон (13 гола), словенечкиот десен бек Јуре Доленец (13 гола), данското лево крило Каспер Мортенсен (30 гола) и Шпанците, десното крило Алех Абело (32 гола), левото крило Виктор Томас, искусниот централен бек Раул Ентрериос, како и голманот Гонзало Варгас.