Еден џокер потрошивме, а имаме уште четири натпревари во нашата група, смета селекторот Данило Брестовац, по неочекуваниот пораз (20-23) на македонските кадети од Аргентина во 1-то коло на СП во Скопје
Репрезентациите на Германија, Шведска и на Македонија доживеаја непријатно изненадување во 1-то коло на Светското првенство (СП) за ракометари (до 19 години), кое се одржува во Скопје.
Германците беа надиграни од своите врсници од Португалија (26-33), Шведска доживеа пораз од Египет (29-32), додека македонските кадети го загубија дуелот со Аргентина (20-23), иако на полувремето имаа позитива од четири гола и контрола на резултатот до 53-та минута во вториот дел.
– Многуте промашени пенали и чисти ситуации, нѐ чинеа пораз. Едноставно ништо не ни одеше. Во првото полувреме имавме контрола на теренот, но паднавме во вториот дел. И Серафимов имаше лош ден. Тој е лидер на оваа генерација играчи, а можеби тоа му беше притисок. Четири гола од 15 удари е многу лош процент. Треба да направиме подлабока анализа по овој неочекуван пораз. Еден џокер потрошивме, а имаме уште четири натпревари во нашата група, мора да се издигнеме и да продолжиме понатаму – дециден е селекторот на македонската селекција, Данило Брестовац.
Во неизвесната завршница, десниот бек Мартин Серафимов промаши седмерец и пропушти можност да израмни на 21-21, а мотивираниот аргентински тим, пак, го искористи падот на концентрацијата кај македонските играчи и забележа значајна победа на почетокот на Мундијалот.
– Сите имавме лош ден и игравме како во грч. Имавме солидна предност, која многу лесно ја прокоцкавме. Не одигравме како што знаеме. Можеби тоа се должи на фактот дека сме дебитанти на ова СП. Тешко ни падна поразот, но не е ништо загубено, имаме уште четири меча од групната фаза. Има уште многу да се игра – вели чуварот на македонскиот гол, Марко Кизиќ, кој имаше девет интервенции на овој меч.
Десното крило Ненад Костески со шест гола беше најефикасен во македонскиот состав, четири гола постигна Серафимов, а трипати реализира левиот бек Михајло Младеновиќ. Вчера беше слободен ден за македонската репрезентација, а денеска во дуелот од 2-то коло (20.30 ч.) од Групата Ц, противници во СЦ „Борис Трајковски“ ќе им бидат врсниците од Нигерија.
Во другите дуели од групата Ц, победи забележаа селекцијата на Бахреин, која со 36-28 ја победи Нигерија, како и Данска, која со 30-23 славеше во дуелот со Јапонија.
Во мечевите од 1-то во групата А, Хрватска прокнижи убедлива победа над Норвешка (32-22), Шпанија без проблем ја совлада Саудиска Арабија (36-21), а Словенија славеше над Чиле (35-30). Во групата Б, по поразот на Шведска од Египет (29-32), Франција си одработи тренинг-меч со Канада (44-16), а Унгарија со Кинески Тајпеј (38-20). Во групата Д, Исланд го совлада Тунис со 25-20, Србија славеше над Бразил со 30-24, а Германија загуби од Португалија (26-33).