Микола Билик е прв стрелец кај Австријците со 21 гол

Левиот и централен бек од редовите на германскиот гигант Кил, Билик, е суперѕвезда и нов лидер, кој сезонава постигна 35 гола во ЛШ и двојно повеќе во Бундес-лигата

Селекцијата на домаќинот Австрија ќе биде денешниот противник (18.15 ч.) на македонската машка ракометна репрезентација во последниот меч во Виена од првата групна фаза на Европското првенство (ЕП) што се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.

Изминативе две децении Австријците поминаа долга смена на генерации, националниот тим им го градеа признаените исландски имиња Дагур Сигурдсон и Патрекур Јоханесон, а пред почетокот на ЕП 2020 на кормилото на Австрија седна поранешниот словенечки репрезентативец Алеш Пајович. На европската сцена Австријците првпат се појавија во 2010 година како домаќини на ЕП и го освоија деветтото место. Беа дел и од ЕП 2014 во Данска, каде што завршија на 11. место, а на минатото ЕП во Хрватска во 2018 година го освоија 15-то место.

Најголемата опасност по македонскиот гол ќе доаѓа од бековската линија на Австрија, која во своите редови има бекови со одлични шутерски и индивидуални квалитети. Левиот и централен бек од редовите на германскиот гигант Кил, Никола Билик, е суперѕвезда и нов лидер, кој зад себе ја има најдобрата сезона на меѓународната сцена. Во досегашниот тек од сезоната во ЛШ постигна 35 гола, а во Бундес-лигата зад неговото име има 70 погодоци. Во мечевите со Чешка и Украина, Билик беше стрелец на 21 гол, од кои 13 од девет метри, а преостанатите од пробивања на линијата од шест метри, исто така тој асистираше за уште 13 погодоци.

Еден од носителите на играта во австрискиот национален тим е и десниот бек Јанко Божовиќ, кој пред неколку сезони беше лидер на македонски Металург. Божовиќ сезонава е дел од германскиот второлигаш Гумерзбах, во чии редови со 70 постигнати гола е еден од водечките стрелци, а заедно со Билик во изминативе два меча на ЕП е втор стрелец во тимот со 14 реализации, а зад неговото име има и 15 асистенции, Бековската тројка на Австрија им ја комплетира искусниот централен бек од редовите на Алпла Хард, Гералд Зинер, кој има одлична прегледност на играта во организацијата на нападот, така што во изминатите два меча во 10 наврати асистираше за погодок на неговите соиграчи..

На крилните позиции Пајович ги има искусните Роберт Вебер (11 гола) десно и Раул Сантос (три) и Себастијан Фримел (шест) лево, а на линијата од шест метри одлично пивотираат Фабијан Пош (седум) и Тобијас Вагнер (два). По пензионирањето на нивниот прв голман Кристијан Пилиповиќ, австрискиот гол на ова ЕП го чуваат голманот на Порто, Томас Бауер, кој досега имаше само три одбрани, и голманот на Грац, Томас Еишбергер, кој во изминатите два меча забележа 16 интервенции. 


Како до втората фаза?

По првите два меча од групната фаза, Австрија има четири бода од двете победи над Чешка (32-29) и над Украина (34-30), а Македонија има два бода од победата над Украина (26-25) и по поразот од Чешка (27-25). Два бода има и Чешка, па патниците за втората фаза ќе бидат познати по денешните дуели Австрија – Македонија (18.15 ч.) и Чешка – Украина (20.30 ч.). Ако Македонија ја победи Австрија, а Чешка ја совлада Украина, тогаш Австрија, Македонија и Чешка на своето конто би имале по четири бода, па ќе се прави мини-табела за која ќе се сметаат само меѓусебните дуели на овие три репрезентации. Македонските ракометари би можеле да обезбедат пласман понатаму и со победа од еден гол разлика, но тогаш ќе треба да постигнат 32 или повеќе погодоци. Најдобар епилог за Македонија би било ако Украина остане непоразена од Чешка, а Македонија со кој било резултат ја победи Австрија. Во случај Украина да ја совлада Чешка, Македонија и со реми ќе оди во следната фаза.