На ЕП кое за првпат ќе се игра во три држави (Австрија, Норвешка и Шведска) и со 24 селекции (на последното во 2016 година беа 16), за првпат ќе учествуваат сите држави кои беа дел од поранешна СФРЈ
Уште шест дена остануваат до почетокот на 14. Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи (9-26 јануари), на кое по шести пат ќе настапи и македонската репрезентација. На ЕП кое за првпат ќе се игра во три држави (Австрија, Норвешка и Шведска) и со 24 селекции (на последното во 2016 година беа 16), за првпат ќе учествуваат и сите држави кои беа дел од поранешна СФРЈ (на последните две ЕП недостасуваше само БиХ – н.з.). Од нив, Хрватска досега на ЕП настапила 13 пати, Словенија (11), Србија (5), Македонија (5), Црна Гора (4), а ќе дебитира БиХ. Најмалку, пак, биле присутни во 2000г. (Словенија и Хрватска) и во 2004г. (Хрватска и Црна Гора). Најтрофејна од просторите на поранешна СФРЈ е Хрватска со пет медали (две сребра и три бронзи), додека Србија и Словенија имаат по едно сребро, а Југославија (како наследник на тогашна СФРЈ) една бронза или сите вкупно осум медали, но никој не се закитил со злато. Групата А, во Грац (Австрија), е „најбалканска“, во неа се Хрватска, Црна Гора и Србија.
Од друга страна, пак, познатата скандинавска ракометна школа, која се базира на многу трчање, брза транзиција и со многу шутеви од сите позиции и која носи успеси во современиот ракомет, ќе ја претставуваат четири држави, Шведска, Данска, Норвешка и Исланд. Скандинавците се далеку поуспешни од Балканците, имаат освоено вкупно 12 медали (шест злата, две сребра и четири бронзи), а предничи Шведска, која е најуспешна (четири злата и едно сребро), пред Данска (две злата, едно сребро и три бронзи), Исланд има една бронза, а Норвешка е без одличје, но има две светски сребра.
Од преостанатите европски селекции, голем фаворит за златото е трикратниот европски првак Франција, двократниот Германија и Шпанија, која само еднаш славела, но затоа, пак, четирипати била втора и два пати трета, но нема да биде изненадување ако и Хрватска освои еден од медалите.
Досега вкупно 11 држави освоиле европско одличје. Селекциите, пак, кои беа дел од поранешниот СССР (Украина, Белорусија и Летонија) се далеку од тоа дека можат да им ги расипат сметките на главните фаворити. Како и да е, ова ЕП ќе биде уште едно натпреварување на кое спортската јавност ќе дознае која ракометна школа во моментов е доминантна.
Македонија е во групата Б и мечевите ќе се играат во Виена (Австрија). Првата средба е на 10 јануари против Украина, два дена подоцна со Чешка, а на 14 јануари е средбата со домаќинот. По две најдобри селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во следната групна фаза.
Данска прв фаворит во обложувачниците
Во обложувачниците најголеми шанси за златото ѝ се даваат на Данска, со моментен коефициент 3,15 – 3,59, а следуваат Франција (4,-4,75), Шведска (5,5-7,5), Шпанија (5,5-8), Германија (6,75-8,5), Норвешка (8-10), Хрватска (11-15) итн. Македонија котира на 14-то место (170-185), додека најмалку шанси имаат БиХ и Украина, и двете со коефициент 1.000.