Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, е задоволен од победата над Романија, иако смета дека можеше поубедливо од конечните 24-23.
„Црвено-жолтите“ ја забележаа првата победа на Европското првенство и останаа со теоретски шанси да ја поминат првата групна фаза, но сигурно си обезбедија место помеѓу носителите во баражот за Светското првенство 2027.
– Кога ќе сумираме се треба да бидеме задоволни од тоа што направивме во овие три натпревари. Игравме со многу силни противници. Малце ми е жал затоа што заслуживме да имаме поголемо водство по првото полувреме. Во второто полувреме се соочивме со проблем во ротацијата, тоа се одрази во нападот. Се надевав на победа со 3-4 гола, но надежта последна умира. Ќе навиваме Данска да победи убедливо. Сакавме да одиме во Топ 12, го заслуживме тоа. Да ми понудеа бод со Португалија и победа над Романија пред ЕП, искрено, ќе прифатев но ќе сакав повеќе – истакна Лазаров по вечерашниот натпревар со Романија.
Дали нашите ракометари ќе изборат пласман во втората фаза на ЕХФ Еуро 2026 ќе се знае вечерва по завршување на натпреварот меѓу кодомаќинот на првенството Данска и Португалија. За такво нешто потребно е чудо – победа на Данска со 18 голови разлика.
Пред комплетирање на последното, 3. коло во Б-групата, Данска е лидер со четири бода, Португалија и Македонија имаат по три, Романија е последна без освоен бод.
































