Од проектот „Ракомет за секое дете“, во организација на КМГ Спорт, ја најавуваат промотивната кампања под слоганот „Кој е за ракомет?“, со која ќе започне петтата сезона од реализацијата.
Кампањата опфаќа организација на настани со демо-тренинзи и натпревари во мини и голем ракомет на отворено, наменети за деца од 6 до 13 години. Настаните ќе се одржат на повеќе локации во Скопје и Велес, кадешто засега функционира проектот, и ќе бидат од отворен карактер.
-Целта на активностите е да се промовира ракометот како спорт кој со децении ја претставува Македонија на меѓународната сцена и да се мотивира најмладата генерација момчиња и девојчиња да се занимаваат со спорт, дружење и здрави навики. Промотивната кампања ќе започне со стартот на новата учебна година и ќе трае во текот на месец септември, период кој симболизира нови почетоци и можности – велат оттаму.

Проектот „Ракомет за секое дете“, кој започна во 2021 година, се состои од три сегменти: школа за ракомет во повеќе населби во Скопје и во Велес, Јуниор Куп – турнирски систем во мини-ракомет, меѓународен ракометен камп „40х20“, кој ова лето ќе го одбележи своето јубилејно петто издание во Охрид со учесници од земјата и странство.
-Со оваа иницијатива, „Ракомет за секое дете“ продолжува како општествено одговорен проект посветен на развојот на спортот, социјализацијата и здравиот раст и развој на децата – додаваат оттаму.
