Фото: Твитер/Профил на СП во Катар

Хрватска го освои третото место на Светското првенство во Катар, откако вечерва ја совлада репрезентацијата на Мароко со резултат 2-1.

Јошко Гвардиол со глава го постигна својот прв гол на Светското првенство во седмата минута, но Ахраф Дари со глава израмни само една минута подоцна.

Сепак Хрватите го имаа последниот збор уште во првото полувреме кога Мислав Орсиќ од далечина постигна гол и ја доведе во предност својата репрезентација пред паузата.

Ова беше втор пат тимовите да се сретнат во Катар откако одиграа нерешено без голови на отворањето на групата Ф на 23 ноември.

Хрватска не успеа да стигне до финалето по поразот од Аргентина со 3-0, додека пак Мароко загуби со 2-0 од шампионот Франција во полуфиналето.

Лука Модриќ играше на сите седум натпревари за Хрватска на Светското првенство 2022.

Триесет и седумгодишниот играч за врска се најде во почетниот состав на „коцкестите“ во денешниот меч со Мароко за третото место на Мундијалот во Катар.

Претходно, само голманите Питер Шилтон (1990) и Дино Ѕоф (1982) забележаа седум настапи на исто Светско првенство на возраст од 37+ години.

На тој начин, играчот од средниот ред на Реал Мадрид стана прв играч кој не е голман, кој играл на сите седум натпревари на турнирот на возраст од 37 или повеќе години. 

Во големото финале на светското првенство во Катар утре во 16 часот се среќаваат Аргентина и Франција.