ОДБОЈКА

Македонскиот интернационален одбојкарски судија Влатко Ристовски ќе биде прв судија на првиот полуфинален натпревар помеѓу Слован Братислава и Линдеманс Алст во Челинџ-купот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), во машка конкуренција, утре, во арената „Гопас“ во Братислава. Еден од нашите најдобри судии е номиниран заедно со грчката судијка Ирини Моула, која ќе му асистира, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Ристовски има одлична европска сезона, со оглед на тоа што ова му е шеста номинација во клупските купови на Европската одбојкарска конфедерација. Претходно тој ја делеше правдата во четврт-финалето на Челинџ-купот во машка конкуренција, а беше дел од судискиот колегиум и во натпревари од Челинџ-купот за одбојкарки, како и во Купот на ЦЕВ кај мажите, информира ОФМ. Г.И.