ОДБОЈКА – КУП
НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЖЕНИ И ЗА МАЖИ
Одбојкарките на Вардар ЕМ во женска и одбојкарите на Штип УГД во машка конкуренција се победници во 33. Куп на Македонија за годинава. Фајналфор-турнирите се одржаа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, викендов.
Скопски Вардар ЕМ направи историски подвиг, оти откако како дебитант со сигурна игра стигна до трофејот, совладувајќи го во финалето бранителот на трофејот, Наковски Волеј од Скопје, со 3-0 во сетови (25-22, 25-12, 25-22).
Тимот на тренерот Јован Шапе покажа константност во играта, која почна во осминафиналето по победата над Фит Фан Волеј, потоа фаворитот, Работнички Скопје, а во полуфиналето и против Газели Волеј. Капитенката на Вардар ЕМ, Ана Јаничиќ, беше прогласена за најкорисна одбојкарка на Купот на Македонија во женска конкуренција.
Одбојкарите на Штип УГД не дозволија изненадување и третпат во низа го освоија славеничкиот пехар. Тие во големото финале го совладаа Борец од Велес со 3-1 во сетови (25-17, 22-25, 32-30, 25-13). Штипскиот состав, предводен од тренерот Кристиан Ристески, сепак, покажа многу поубедлива игра на теренот предводен од најкорисниот играч Стојан Илиев, но и расположените за игра Задмард, Јуниор, Арсов, Мирасчиев, Стојанов… Во полуфиналните дуели Штип УГД ја совлада Струмица 47/72 со 3-0 во сетови (25-17, 25-18, 25-12), а Борец беше подобар од Работнички 71/22 со 3-0 во сетови (25-19, 25-14, 26-24).
Следува борбата за шампионската титула во домашното првенство. Г.И.

































