- Договорот е на две години, со можност да биде продолжен
Српскиот одбојкарски стратег Милош Гавриловиќ (41) е нов селектор на женската репрезентација на Македонија. Актуелниот тренер на романски Динамо Букурешт е изборот на Извршниот одбор (ИО) на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), а договорот е на две години, со можност да биде продолжен. Гавриловиќ ја презема функцијата откако ОФМ ја заврши соработката со Стефан Пауновиќ, кој ја водеше репрезентацијата во изминативе четири години. Гавриловиќ од 2019 година работи како тренер во Романија, водејќи ги женските екипи на Динамо Букурешт. За Гавриловиќ е предизвик да работи со млади играчи, факт што го потврдува и со досегашната работа, а на чело на женската репрезентација застанува со визија како селекцијата треба да расте и да се развива во иднина.
– Ги следев настапите на Македонија во Европската лига и во квалификациите за Европското првенство во 2026 година и мислам дека екипата има талент и потенцијал. Работата со млади играчи, односно тимови, е предизвик за мене и верувам дека со добра работа и со трпение, можеме да стигнеме до резултати. Сакам кога и јас како тренер растам заедно со екипата. Моите обврски почнуваат веднаш, веќе ги следам настапите на дел од играчите и имам визија во која насока треба да биде работата со екипата. Планирам да дојдам и во Македонија за со новиот стручен штаб да имаме неколку состаноци и да ги дефинираме плановите и програмата во пресрет на првата акција во мај в година. Се радувам на новиот предизвик – вели Гавриловиќ, пренесе ОФМ.
Тој ќе го формира новиот стручен штаб, во кој засега е познато дека ќе има нов кондициски тренер, Романецот Рареш Стелиан Стоика, со кого соработува во Динамо, а другите членови дополнително ќе бидат дефинирани. На клупата на Македонија, Гавриловиќ официјално ќе дебитира в година, кога репрезентацијата ќе се натпреварува во Европската лига. Г.И.

































