На четири кола до крајот на регуларниот дел на сезоната во Првата одбојкарска женска лига сериозно се разгорува трката за подобра позиција во пресрет на плејоф разигрувањето. Наковски Волеј со победата над шампионот Јанта Волеј КВ ја продолжи доминацијата и сигурно стои на лидерската позиција со 14 победи во исто толку натпревари и тешко достижни 41 бод.
За разлика од Наковски Волеј, кој е мирен на врвот за останатите екипи секој бод ќе биде важен во следните четири седмици за да си обезбедат подобро место на табелата, а со тоа и условно кажано подобри шанси во пресрет на плејофот, каде влегуваат најдобрите осум пласирани тима по финишот на регуларниот дел од сезоната.
Работнички Скопје доживеа непријатно изненадување во Битола викендов, со поразот од 1:3 од Пелистер Волеј и во дуелите со директните конкуренти Младост УГД и Јанта Волеј КВ ќе се бори за второто место на табелата, дуели кои се закажани за последните две кола од оваа фаза во првенството.
Сепак распределбата на позициите ќе зависи и од Газели Волеј и Пелистер Волеј кои се покажаа како незгоден противник за фаворизираните ривали, а истото важи и за Вардар ЕМ. Формата на „вардарки“ е во нагорна линија во вториот дел од сезоната, но трите екипи имаат тежок распоред, како и меѓусебни дуели во престојниот период кои може да одиграат клучна улога во дефинирањето на табелата.
Со исклучок на Ускана која има минимални шанси за опстанок, Струмица жени и Фит Фан Волеј се во трката за последното место во плејофот, кое истовремено ќе значи и потврда на прволигашкиот статус. Во спротивно деветто пласираната екипа ќе разигрува бараж за зачувување на местото во Првата лига жени.
ПРВА ЛИГА ЖЕНИ, 14. КОЛО
Јанта Волеј КВ – Наковски Волеј 1:3 (25:21, 17:25, 18:25, 9:25)
Ускана – Младост УГД 0:3 (13:25, 16:25, 9:25)
Пелистер Волеј – Работнички Скопје 3:1 (25:21, 25:15, 18:25, 25:23)
Вардар ЕМ – Струмица жени 3:0 (25:7, 25:13, 25:14)
Газели Волеј – Фит Фан Волеј 3:1 (25:16, 14:25, 25:12, 25:22)




































